Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и кандидатот на Републиканската партија на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, телефонски разговарале еден ден по лансирањето на беспилотно летало на Хезболах кон резиденцијата на Нетанјаху во Цезареја, соопшти кабинетот на израелскиот премиер. Нетанјаху рекол дека Израел носи одлуки во согласност со своите интереси.

„Премиерот на Израел го повтори она што веќе го кажа јавно – дека Израел ги зема предвид прашањата покренати од американската администрација, но на крајот ќе донесе одлуки врз основа на своите национални интереси“,
се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Дрон од Либан беше лансиран во саботата кон приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во северниот израелски град Цезареја, но Нетанјаху не беше во близина и немаше жртви во нападот.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека од Либан кон Израел биле лансирани три беспилотни летала, од кои едното погодило резиденција во Цезареја. Како што претходно објави дневниот весник „Тајмс оф Израел“, Нетанјаху разговарал и со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон.
„Му кажав дека Америка цврсто стои со Израел и ја повторив нашата континуирана посветеност да помогнеме во соочувањето со Иран и неговите терористички полномошници“,
објави Џонсон на својот профил на Икс.