Извештаите велат дека освен аеродромот, погодени биле и неколку главни електрани во и околу областа, кои, според израелската војска, хутите ги користеле за снабдување на енергетската инфраструктура и за изградба на подземни тунели
Израелската војска изврши напади врз главниот град на Јемен, Сана, објави телевизијата Ал-Масира, која е под контрола на бунтовничката група хути, пренесоа светските агенции.

Според Ројтерс, очевидци пријавиле најмалку четири воздушни напади, откако израелската армија го предупреди населението да ја напушти областа околу главниот аеродром во Сана.
„Одбивањето да се евакуирате ве става во опасност“,
се вели во соопштението на израелската армија.
Армијата, исто така, објави и мапа на областа околу меѓународниот аеродром во Сана, која била цел на нападите.
Извештаите велат дека освен аеродромот, погодени биле и неколку главни електрани во и околу областа.
Според израелската армија (ИДФ), овие електрани биле користени од хутите за снабдување на енергетската инфраструктура и за изградба на подземни тунели.
Израелските одбранбени сили тврдат дека нападите биле извршени прецизно и со преземени мерки за намалување на ризикот по цивилите и цивилната инфраструктура.
„Израелските одбранбени сили остануваат решени да продолжат да дејствуваат, без оглед на оддалеченоста, против сите закани за граѓаните на државата Израел“,
се вели во соопштението на ИДФ.
Инаку, нападот следува по вчерашните израелските воздушни напади врз јеменското пристаниште Ходеида, како одговор на ракетниот напад на хутите, во кој еден проектил падна во близина на главниот аеродром во Израел.
Тензиите помеѓу Израел и јеменските хути ескалираа бидејќи групата поддржана од Иран ги продолжува своите напади како одговор на засилените операции на Израел во Газа.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, хутите истрелаа ракети кон Израел и нападнаа бродови во Црвеното Море, велејќи дека тоа го прават во знак на солидарност со Палестинците во Газа.