Недостигот од здравствен персонал е една од причините за одлуката на израелското Министерство за здравство да им дозволи на заразените со варијантата омикрон наместо за десет дена, од изолација да излезат по една седмица, под услов во претходните три дена да немале никакви симптоми
Речиси 4 900 здравствени работници во Израел се во карантин, од кои 690 лекари и 1 282 медицински сестри. За споредба, до вчера во карантин беа околу 3 800 здравствени работници. Меѓу нив имаше 542 лекари и 1 000 медицински сестри.
Недостигот од здравствен персонал е една од причините за одлуката на израелското Министерство за здравство да им дозволи на заразените со варијантата омикрон наместо за десет дена, од изолација да излезат по една седмица, под услов во претходните три дена да немале никакви симптоми.
Во израелските болници денеска има 781 заболен од ковид-19, од кои 255 се во тешка состојба, а 63 се на апарати за механичко дишење. Вчера во Израел биле обработени речиси 400 000 тестови (ПЦР и антигени), а регистрирани биле 43 815 нови случаи на коронавирус.
Во моментов во Израел има околу 223 000 активни случаи на коронавирус, но експертите проценуваат дека реалната бројка е многу поголема.