Американскиот дневен весник „Вашингтон пост“ вчера, повикувајќи се на извори упатени во преговорите, објави дека Израел и Хамас постигнале рамковен договор со посредство на САД за ослободување на десетици жени и деца држени како заложници во Газа во замена за петдневна пауза во борбите. По ова со објава на социјалната мрежа Икс се огласи портпаролката на Советот за безбедност на Белата куќа, Ејдриен Вотсон, која напиша дека договор сè уште не е постигнат, но напорите да се дојде до него продолжуваат
Катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, денеска изјави дека е сè поуверен дека ќе се постигне договор за ослободување на заложниците кои Хамас ги киднапира при нападот на Израел на 7 октомври, што ја иницира воената криза на Блискиот Исток.

Тој, како што пренесуваат светските медиуми, посочил дека предизвиците што остануваат до постигнување на договорот меѓу Израел и Хамас со посредство на САД се многу мали.
„Предизвиците што остануваат во преговорите се многу мали. Во споредба со поголемите предизвици, тие се пологистички, попрактични“,
изјавил катарскиот премиер на заедничката прес-конференција со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, пренесува Би-би-си.
Угледниот американски дневен весник „Вашингтон пост“ вчера, повикувајќи се на извори упатени во преговорите, објави дека Израел и Хамас постигнале рамковен договор со посредство на САД за ослободување десетици жени и деца држени како заложници во Газа во замена за петдневна пауза во борбите.
По пишувањата на весникот, со објава на социјалната мрежа Икс се огласи портпаролката на Советот за безбедност на Белата куќа, Ејдриен Вотсон, која напиша:
„Сè уште не постигнавме договор, но продолжуваме да работиме напорно за да постигнеме договор.“
We have not reached a deal yet, but we continue to work hard to get to a deal. https://t.co/rbSqcqfaKo
— Adrienne Watson (@NSC_Spox) November 19, 2023
На брифинг за новинарите одржан синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавил дека има многу неточни извештаи за непосредни договори за ослободување на некои или на сите околу 240 лица кои се држат како заложници“.
„Засега нема договор“,
кажал тој, пренесуваат британските медиуми.
Денеска јорданскиот крал Абдула ја повика меѓународната заедница да се заложи за итен прекин на огнот во Газа за да се запре хуманитарната катастрофа предизвикана од, како што ја нарече, „грдата војна на Израел против цивилите“.
На состанокот со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, јорданскиот монарх рекол дека глобалните сили треба да го принудат Израел да се усогласи со меѓународното право за да ги заштити цивилите и да се осигури дека Израел ќе ги послуша повиците за непречен проток на помош во енклавата, пренесува Ројтерс.