Во заедничка изјава, четирите земји ја истакнаа „клучната стабилизирачка улога“ на УНИФИЛ во јужен Либан и додадоа дека Израел и другите страни мора да ја гарантираат безбедноста на мировниците во секое време
Нападите на Израел врз мировната мисија на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) го прекршуваат меѓународното право и мора веднаш да престанат, соопштија денеска Италија, Велика Британија, Франција и Германија.
Во заедничка изјава, четирите земји ја истакнаа „клучната стабилизирачка улога“ на УНИФИЛ во јужен Либан и додадоа дека Израел и другите страни мора да ја гарантираат безбедноста на мировниците во секое време.
Мисијата УНИФИЛ, во која учествуваат и европски војници, соопшти дека израелската армија во изминатите неколку дена неколкупати ја нападнала.
Израел ги повика ОН да ја напуштат областа бидејќи целат на силите на Хезболах таму. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли тврдењата дека неговата земја намерно цели на УНИФИЛ како целосно лажни и повторно повика мировниците да се повлечат од територијата.
Нетанјаху тврди дека израелската војска прави сè што може за да избегне жртви меѓу членовите на УНИФИЛ при напаѓање цели на Хезболах.
„Но, најдобриот начин да се осигури безбедноста на персоналот на УНИФИЛ е да се послуша барањето на Израел и привремено да се тргне од опасноста“,
посочи тој.
Повеќе од 42 200 Палестинци и над 1 400 Израелци се убиени, според палестинското Министерство за здравство и Израелските одбранбени сили (ИДФ) откако милитантите на Хамас започнаа напад против Израел од Појасот Газа на 7 октомври 2023 година. Податоците на Министерството не прават разлика меѓу борци и цивили.