Гласањето на немоќните и болните лица, како што информираат од Државната изборна комисија (ДИК), ќе се одвива во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите, односно во случајов 23 април (вторник)
Изнемоштените и болните лица до ноќеска на полноќ ќе може да се пријавуваат за гласање на претстојните претседателски избори што ќе се одржат следната недела, на 24 април.
„Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна седум дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот“,
се посочува во роковникот на Државната изборна комисија (ДИК).
Гласањето на немоќните и болните лица, како што информираат од ДИК, ќе се одвива во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите, односно во случајов 23 април (вторник).
„Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор надлежен за спроведување на гласањето за избирачкото место каде припаѓаат овие лица, на 23 април (вторник)“,
се додава во роковникот на ДИК.
Во моментов тече втората недела од кампањата за претседателските избори, која официјално започна на 4 април, а ќе трае до 22 април на полноќ, по што настапува дводневниот изборен молк.