Во текот на изминатиот продолжен викенд, кога на различни територии на државата важеше различен полициски час, полицијата најмногу од прекршувањата забележала на подрачјето на СВР Скопје – 340, каде што имаше 80-часовен карантин.
Конретно за Чаир од каде имаше видеа и фотографии како граѓани се движат, а полицијата не реагира, министерот Наќе Чулев, најави дека ќе има дисциплинска постапка. Но, за работата на продавници, рече, надлежен е пазарниот инспекторат.
Кога е во прашање неносењето на заштитна опрема на лицето, пак, во периодот од 21 часот во четвртокот до утрово до 5 часот, евидентирани се 1 777 непочитувања, од кои најмногу на подрачјата на СВР Струмица – 417 и на СВР Охрид – 356.
Вкупниот број на прекршувања на мерката за заштитна опрема откако таа стана задолжителна изнесува 8 188.
Ваквите податоци денеска ги соопшти Чулев.
Тој рече и дека заедно со пазарниот инспекторат во овој период МВР направила 1 543 контроли во угостителски објекти, а прекршувањата имало кај 22: 18 во Охрид, а 4 во Струмица.
Во овие три и пол дена, МВР издала и 1 648 решенија за изолација, а биле потпишани и 584 изјави за самоизолација.
Бројките, вели Чулев, говорат за исклучително голем обем на работа и посветеност на полицајците и затоа ја обвини власта дека ја злоупотребува полицијата за политички поени. Според изјавите на Чулев, кај него тој не гледа одговорност за разни постапувања на полицијата, а топката ја префрли кај директорот на БЈБ.
„Да бидам искрен, тешко е една моја замисла, идеја или директива да се спроведе во пракса без да наидам на опструкции внатре во МВР и од страна на Владата. Граѓаните треба да знаат дека во неколку наврати и усно и писмено побарав целосно и неселективно спроведување на одлуките на Владата. Начинот на организација и постапувањето на полициските службеници е исклучителна обврска на директорот на БЈБ кој раководи со оперативниот штаб формиран за оваа намена. Јас како министер имам обврска да ја гарантирам законитоста и неселективноста во постапувањето, но немам ингеренции да ја организирам нивната работа и да давам конкретни задачи. На пример, не можам да кажам кој полициски службеник каде да извршува службени задачи или колку полицајци да покриваат одредено подрачје или регионот“,
рече Чулев додавајќи дека и самиот директор на БЈБ во телеграма нагласил дека полицајците постапуваат само по негова наредба.
Чулев рече дека мерките изминатиот период не биле идеални, но побара граѓаните да ги почитуваат.
„Свесен сум и го разбирам револтот од одлуките, но граѓаните мора да се свесни дека тоа се прави со цел заштита на нивното здравје и дека се носат на предлог на Комисијата за заразни болести во која учествуваат стручни лица, а МВР има задача да го контролира спроведувањето“,
порача министерот.
