Претходно, и од СДСМ побараа повлекување на предлог-законот за високо образование бидејќи, според нив, предложените решенија можат да ја нарушат универзитетската автономија и да воведат поголема државна контрола врз високото образование
Политичката партија Левица упати остри критики за предложените измени на Законот за високо образование, обвинувајќи ја власта дека на овој начин го претвора образованието во елитистичка привилегија, а универзитетите во филтер за социјална селекција. Оттаму реагираат на зголемените критериуми за избор во наставно-научни звања, кои предвидуваат објавување шест до седум научни трудови, претежно во списанија со импакт-фактор.

Според нив, објавувањето во базите како „Web of Science“ и „Scopus“ чини илјадници евра, а тоа се средства кои паѓаат на товар на самите истражувачи, бидејќи државата не ги обезбедува системски.
„Со овие измени, професори ќе можат да станат само децата на богатите, оние што имаат лични или семејни ресурси да плаќаат публикации, конференции и академски трошоци. ДПМНЕ уште еднаш ја претвора науката во пазар“,
се вели во соопштението.
Според нив, проблематична е и одредбата со која новоизбраните редовни професори ќе подлежат на реизбор на секои седум години, додека веќе избраните кадри ќе бидат изземени од оваа обврска. Ова, според партијата, е институционална неправда со која се укинува суштината на принципот на доживотно звање, чија историска цел е заштита од политички и пазарен притисок.
„Со постојан реизбор, професорите стануваат зависни, дисциплинирани и послушни, наместо критички и слободни научници“,
велат оттаму.
Левица е и категорично против предлогот мандатот на ректорите да се продолжи од три на четири години бидејќи сметаат дека ваквото продолжување, заедно со промената на моделот за избор, отвора широк простор за политичка контрола врз универзитетите.
Наместо, како што велат, бркање бројки за Шангајската листа, оттаму бараат јавно финансирање на научните публикации и воведување целосно бесплатно високо образование. Како позитивен пример ја посочуваат Словенија, која со бесплатниот модел привлекува илјадници талентирани студенти од регионот, додека Македонија, според нив, ги губи младите токму поради недостигот на државни инвестиции во науката.
Претходно, и од СДСМ побараа повлекување на предлог-законот за високо образование бидејќи, според нив, предложените решенија можат да ја нарушат универзитетската автономија и да воведат поголема државна контрола врз високото образование.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, рече оти предлог-законот е на ЕНЕР, каде што сите засегнати страни можат да остават забелешки. Исто така, Јаневска додаде оти е свесна дека законот за високо образование предизвикал одредени реакции за кои, како што додаде, не може да се каже дека се генерализирани и дека доаѓаат од мнозинството заинтересирани, а тоа се студентите и универзитетскиот наставно-научен кадар.
