Со измените во Кривичниот законик, според тројцата пратеници од албанскиот опозициски блок, ќе застарат сите предмети во кои му се суди на експремиерот Груевски, освен за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“ кои, како што велат, не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години. Убедени оти власта ќе успее да го спаси Груевски целосно, па дури и, како што велат, да му платат отштета и да го прогласат за херој
Основната причина поради која власта ги иницира промените во Кривичниот законик е за што побрзо да се спаси, и во Скопје „без трн во ногата“ да се врати Никола Груевски.
Ова на денешната прес-конференција во Собранието го истакнаа пратениците Мерита Коџаџику, Сафије Садики Шаини и Фадил Зендели, од партиите Демократско движење, Алтернатива и Беса, додека во исто време во Комисијата за европски прашања се одржува седница на чиј дневен ред е предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка.
„Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести“,
е ставот што пратениците од трите партии го соопштија на денешната прес-конференција во Собранието.
Со измените во Кривичниот законик, според тројцата пратеници, ќе застарат сите предмети во кои му се суди на експремиерот Груевски, освен за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“ кои, како што велат, не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години. Додаваат дека се убедени оти власта ќе успее да го спаси Груевски целосно, па дури и, како што велат, да му платат отштета и да го прогласат за херој.
Опозициските пратеници изразија и сомнеж дека промените во Кривичниот законик се предлагаат затоа што, според нив, високи функционери на ДУИ и СДСМ знаат дека по следните избори ќе бидат во опозиција и затоа сакаат да создадат рамка за да не се гонат кривично.
„Од што се плашат, тие најдобро знаат, а ние ќе дознаеме дури откако ќе бидеме на власт, кога ќе имаме пристап до сите валкани трикови на оваа антинародна власт“,
велат пратениците.
За Коџаџику, Зендели и Садики Шаини симптоматично е тоа што овластен предлагач на измените во Кривичниот законик не е министерот за правда Кренар Лога, туку неговата заменичка Викторија Авромовска Мадиќ. Оттука, прашуваат дали Алијанса за Албанците (АА), чиј кадар е министерот за правда, сака на овој начин да си ги измие рацете и да каже дека не е виновна за услугата што власта ќе му ја направи на поранешниот премиер Груевски.
„Очекуваме и министерот за правда, како и лидерот на АА, да излезат и да изјаснат дали се согласуваат со овие измени на Кривичниот законик. Ако не се согласат, тогаш најмалку што можат да направат како партија е министерот Лога да си поднесе оставка, бидејќи знаеме дека тие веќе не можат да излезат од Влада“,
додаваат опозициските пратеници.
Владата пред два дена до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце. Тоа значи дека, според Владата, измените се однесуваат на усогласување со европското законодавство, а дополнително се бара измените да се усвојат и по скратена постапка.
Предлог-измените за одредени членови и образложенијата се напишани на 44 страници. Меѓу нив е предлог за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото „злосторничко здружување“ од членот 394. Тие повлекуваат и порано застарување на дел од кривичните дела.
Измените во Собранието, како претставник на власта, ќе ги брани заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ. За повереник е назначен Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.