Предлогот што го поднесе претседателот на Собранието ја предвидува можноста, во услови како што е оваа со пандемијата со ковид, пратениците што се во изолација да учествуваат на седниците онлајн
Опозицијата е против и тврди дека ова е неуставно, но не соопшти дали ќе учествува на седницата
Предлог-дополнувањето на Деловникот за работа на Собранието, кој се однесува на можност пратеници што се во изолација поради ковид-19 да учествуваат на пленарни и комисиски седници онлајн, денеска е ставен на дневен ред на собраниска седница.
По неколку недели, според информациите од Собранието, се очекува мнозинството да има доволен број пратеници, 61 за негово носење, бидејќи неколкутемина позитивни на ковид-19 или во самоизолација неделава се вратиле на работа.
Предлогот го поднесе претседателот на Собранието Талат Џафери, а речиси ист предлог во јавноста, во средината на октомври, објави и координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Владејачкото мнозинство и опозицијата досега се изјаснија дека имаат различни ставови. И тогаш и сега, опозициските партии беа против ваквото решение посочувајќи дека тоа е противуставно и дека со ова се сака да се покрие тенкото мнозинство на власта во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива не соопштија дали ќе присуствуваат на денешната седница, но по закажувањето на седницата од страна на Џафери најавија дека нема да присуствуваат на координациите со него и на одредени седници на Собранието.

„Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата“,
изјави Џафери за МИА пред два дена.
Предлогот, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење, треба да помине на комисија, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница, така што не се знае точно кога би бил донесен.
Џафери вели дека владејачкото мнозинство би можело да го донесе и без поддршка на опозицијата, бидејќи има потреба од такво нешто. Според него, има работи и закони кои се условени од пандемијата на ковид-19 и треба да бидат изгласани.
„Ако имаат укажувања, коректно е да ги кажат“,
вели Џафери нагласувајќи дека одредени забелешки е подготвен да ги стави во текстот.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, предлогот е противуставен, а 62 пратеници не се доволни за функционално Собрание. Тој во вторникот не кажа како ќе дејствуваат пратениците на опозициската партија на седницата и дали ќе учествуваат во нејзината работа.

„Гледаме еден обид да се направи нешто надвор од консензуален договор. Очигледни се реакциите на сите пратенички групи од опозицијата од една и единствена причина, затоа што бројката од 62 пратеници не е доволна за функционално работење на Собранието и во нормални услови, а не во ваква ситуација. Единствена причина поради која се брза за работа со онлајн Собрание е затоа што немаат функционален број на пратеници за да можат да работат“,
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Според него, Собранието има доволен број пратеници во секој момент, никогаш помалку од 115, но она што недостига е дијалог.
„Тие закони што се поврзани со здравствената и со економската криза, ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група, а сигурен сум и дека сите опозициски партии, ќе ги поддржи. Меѓутоа, внесувањето на ваков начин спротивно на Уставот, на онлајн-гласањето, е за да поминуваат други закони кои не се поврзани со овие прашања“,
рече тој.
Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива, за МИА изјави дека тие се против каква било форма на онлајн-работа на Собранието и предупреди дека тоа не е во согласност со законите и Уставот на државата.

Според него, зад можноста за онлајн-гласање владејачките партии сакаат да го прикријат и онака кревкото мнозинство во парламентот.
Изминатите неколку недели, поради здравствени причини, од работата на Собранието отсуствуваа шестмина пратеници, а од почеток со работа на овој собраниски состав неколкупати имаше пратеници позитивни на ковид-19 и во самоизолација.