Рускиот претседател Владимир Путин гласаше по електронски пат бидејќи е во изолација поради големиот број луѓе заразени со коронавирусот во неговата околина
Владејачката руска партија Единствена Русија на претседателот Владимир Путин е на пат да победи на парламентарните избори, покажаа првичните резултатите и излезните анкети.
Централната изборна комисија објави, по само девет проценти од преброените гласови, дека Единствена Русија е во водство со 38,57 проценти од гласовите.
Во исто време излезната анкета спроведена од агенцијата ИНСОМАР покажа дека Единствена Русија освоила 45 проценти од гласовите, објави агенцијата РИА.
Партијата освои нешто повеќе од 54% од гласовите на последните избори во 2016 година.
Првичните резултати од изборите покажуваат дека Комунистичката партија е на второ место со 25,17 проценти, додека националистичката ЛДПР е на трето место со 9,6 проценти од гласовите.
На изборите што се одржаа викендов се избира новиот состав на Думата за следните пет години во која има 450 члена, како и неколку нови регионални и градски администрации.
Комунистичката партија на Русија, втора најсилна во земјата, невладините организации и независните медиуми објавија многубројни нерегуларности на парламентарните избори. Групата за набљудување на изборите „Глас“, исто така, посочи на злоупотреби, вклучувајќи купување гласови и слаби мерки за контрола на гласачките ливчиња на избирачките места.
Рускиот претседател Владимир Путин гласаше по електронски пат бидејќи е во изолација поради големиот број луѓе заразени со коронавирусот во неговата околина.
