Според официјалните податоци на Националната изборна канцеларија на Унгарија, до 17:00 часот излезноста изнесува 74,23 отсто, што веќе го надмина досегашниот рекорд од 73,51 отсто од 2002 година

Унгарците денеска гласаат на избори кои би можеле да го прекинат 16-годишното владеење на премиерот Виктор Орбан. Резултатите би требало да бидат познати доцна вечерва, но она што го одбележува изборниот ден е историски високата излезеност.
Според официјалните податоци на Националната изборна канцеларија на Унгарија, до 17:00 часот излезеноста изнесува 74,23 отсто, што веќе го надмина досегашниот рекорд од 73,51 отсто од 2002 година.
Опозициската партија Тиса на Петер Маѓар високата излезеност ја толкува како позитивен знак за опозицијата. Маѓар ги повика гласачите да го дадат својот максимум и нагласи дека секој глас може да биде пресуден.
Актуелниот унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, порача дека големиот одѕив значи дека ниту еден патриот не смее да остане дома.
Двата политички табора ги повикуваат гласачите да излезат на гласачките места пред затворањето во 19 часот.
Претходно беа објавени податоци за излезеноста до 13 часот кои покажуваа дека излегле 54,14 отсто од запишаните избирачи. Како што објави порталот „Политико“, тоа е највисока излезеност од 2010 година, кога Орбан првпат ја презеде власта. На претходните парламентарни избори во Унгарија во 2022 година, излезеноста до 13 часот изнесуваше 40 проценти.
Унгарците денеска гласаат на веројатно најклучните парламентарни избори во земјата. Битка се води помеѓу актуелниот премиер Виктор Орбан и лидерот на релативно младата центристичка партија Тиса, Петер Маѓар, кој, според анкетите, има шанси да го прати Орбан во опозиција.
Избирачките места се отворија во 6:00 часот наутро, а ќе бидат затворени во 19:00 часот.
