Според бројот на гласачи, тоа е нешто над 747 илјади од обработени 97%, односно од 3 376 избирачки места, покажуваат податоците на ДИК
Излезеноста до 17 часот од обработените податоци кои стигнале до Државната изборна комисија е 42,38%. Според бројот на гласачи, тоа е нешто над 747 илјади од обработени 97%, односно од 3 376 избирачки места, покажуваат податоците на rezultati.sec.mk.

Според податоците од ДИК, најголема излезеност е забележана во Општина Новаци – 67,19%, а по неа следуваат и општините Крива Паланка 58,78% Крушево 58,25% , Кривогаштани 56,93%, Пробиштип 56,14%, додека од скопските општини предничат Карпош 53,78% и Аеродром 53,48%.

Од општините со најмала излезеност се Пласница 15,35%, Центар Жупа 15,57% и Маврово и Ростуше 21,01%.

Државната изборна комисија на прес-конференција соопшти дека до овој момент пристигнале вкупно 308 приговори за заштита на личното избирачки право. Од нив, 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да гласаат.
„Дваесет и седум приговори се отфрлени како неуредни, а 38 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка“,
рече Даштевски на денешната прес-конференција.