Последно што Божиновска објави е дека изјавите за бугарска самосвест, кои се основа за да се побара и за да се добие државјанство на Бугарија, ги потпишувале адвокати посредници кои за тоа наплаќале пари

Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство.
Ова е наведено во декларацијата што актуелната македонска министерка за енергетика Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест. Декларацијата денеска ја објави бугарската новинска агенција БГНЕС.
„360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А, за да се добие бугарско државјанство, барателот не само што треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти, туку и да ги наведе своите бугарски корени.
На нашето прашање дали поседувала или дали во моментот поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, Божиновска во јуни првично изјави дека не поседува бугарско државјанство, но случајно или не испушти да ни одговори и дали поседувала во минатото.
Веќе следниот ден за телевизијата „Канал 5“ кажа дека имала бугарско државјанство и дека ја завршила процедурата за отпуст од него. Но, при тој настап, не кажа и дали добила решение за отпуст без што таа и натаму е државјанка на Република Бугарија.
На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, новинар на „360 степени“ ја праша дали сè уште поседува бугарско државјанство. Таа одговори дека има македонско и чешко државјанство, без директно да одговори на прашањето за бугарското државјанство.
Со оглед дека повторно децидно не одговори, ја прашавме дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.
На тоа Божиновска рече дека ќе нѐ извести откако ќе провери со адвокатите.
Последното прашање на новинарот на „360 степени“ до Божиновска на таа прес-конференција беше – дали сѐ уште има бугарска самосвест, имајќи предвид дека таква изјава поднесува секој барател на бугарско државјанство. И на тоа прашање не одговори директно туку кажа дека ќе се консултирала со адвокатите бидејќи било одамна.
Последно што Божиновска објави е реакција на изјавата на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која го коментираше случајот за нејзиното бугарско државјанство.
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на 18 октомври, како што пренесува Бугарската телеграфска агенција (БТА), изјави дека лично ги има видено документите и декларацијата за бугарското државјанство на министерката за енергетика на Северна Македонија, Сања Божиновска, каде што е наведено нејзиното бугарско потекло.
На ова Божиновска рече дека Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век и оти ниту еден граѓанин на Македонија што добил бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин.
Божиновска во својата објава додаде дека изјавите за бугарска самосвест, кои се основа за да се побара и за да се добие државјанство на Бугарија, ги потпишувале адвокати посредници кои за тоа наплаќале пари.
Случајно или не, Божиновска не искористи и лична заменка во прво лице еднина со кое недвосмислено би декларирала дека и таа постапила така кога барала, а потоа и добила бугарско државјанство.
Користејќи иста формулација, Божиновска говори како се чувствуваат граѓаните на Македонија кои добиле бугарско државјанство, што повторно само укажува на заклучок дека и таа не се чувствувала Бугарка кога барала пасош.
Божиновска користи лична заменка кога продолжува „луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија“.