Тој рече дека неговиот совет до членовите на заедничките комисии е помалку да зборуваат по медиуми и помалку да прејудицираат за исходот од работата на комисијата, а повеќе да даваат конкретни резултати, но само преку рамноправен дијалог со македонската страна
Новиот пристап на бугарскиот премиер Кирил Петков во надминување на отворените прашања помеѓу Софија и Скопје е прилично поразличен од досегашниот, смета шефот на државата Стево Пендаровски. Меѓутоа, иако тој го смета за позитивен, сепак предупредува дека она што ги обременува односите помеѓу двете држави, а може да го прави тоа и понатаму, се изјавите на бугарските членови на заедничката историска комисија.
„Новиот пристап подразбира историската комисија да биде една од петте комисии кои ќе работат и врз основа на напредокот во нив ќе се проценува дали Северна Македонија до крајот на претседавањето на Франција со ЕУ заслужува да ги почне преговорите после 17 години чекање со статус на кандидат. Она што мислам дека ја отежнува и ќе ја отежнува работата на историската комисија и ќе обременува вкупните билатерални односи, независно што направиле петте комисии, е реториката која се слуша од време на време од членовите на историската комисија од Софија кои на дневна основа се обидуваат уште пред да се сретнат со своите македонски колеги да наметнат какво треба да биде решението во таа комисија“,
изјави денеска Пендаровски.
Тој рече дека неговиот совет до членовите на заедничките комисии е помалку да зборуваат по медиуми и помалку да прејудицираат за исходот од работата на комисијата, а повеќе да даваат конкретни резултати, но само преку рамноправен дијалог со македонската страна.
Една од тие изјави за кои зборуваше денеска претседателот, беше актуелна во јавноста вчера откако копретседавачот на комисијата од бугарска страна, Ангел Димитров во бугарските медиуми повторно излезе со обвинувања за македонските колеги.
„Имаме искуство, знаеме што да очекуваме и пристапуваме со внимание и реализам, без посебни очекувања. Ние сме во средниот век, уште сме на материјата што се учи во основно училиште, сè уште не сме стигнале до она што се учи во средно, а работиме три и пол години. Сето тоа е поради неподготвеноста на нашите колеги да прифатат дека имаме заедничка историја, а таа започнува во средниот век. На тоа се должи блокирањето на нормалниот ритам на работа на Комисијата“,
изјави Димитров за БНТ.
На тоа, пак, од македонска страна одговори копретседавачот Драги Ѓоргиев, кој го изјава за „Слободен печат“ порача дека сè додека бугарската страна не си ја смени реториката нема да има напредок во работата на заедничката историска комисија.
„Колку ќе се овозможи приближување на ставовите зависи и од двете страни, но со ваквите изјави другата страна однапред одредува во која насока ќе одат состаноците. Нема промена во реториката и во пристапот на бугарската страна и сѐ додека е тоа така, не очекуваме дека ќе има придвижување. Кога едната страна ја обвинува другата страна дека не сака да ја прифати апсолутната вистина на првата страна, не може да се очекува напредок во процесот. Бугарската страна инсистира на заедничка историја, воспоставена во средниот век. Ние не бегаме од заедничката историја, но, тоа не треба да се сфаќа на начин како тоа го сфаќа бугарската страна – дека историјата од средниот век до 1945 година е заедничка. Ако е така, тогаш тоа воопшто не е заедничка историја, туку е историја на еден ист народ“,
рече Ѓоргиев за „Слободен печат“.