Од опозициската партија велат и оти ваквото релативизирање и одбрана на криминалот може слободно да се нарече „историско“
Денешната изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека дивоградбите во Чаир, за кои се тврди дека се повеќе од 150 би се уривале „доколку се опасни по живот“ е скандалозна – реагираат од опозициската партија СДСМ. Оттаму прашуваат што сакал да каже тој, односно дали дивоградбите кои ќе бидат утврдени како „неопасни“ по живот ќе продолжат слободно да се градат.
„Откако со месеци не постапуваше при чист и очигледен криминал и молчеше, сега конечно Тошковски најде начин како да го одбрани нелегалниот бизнис на неговите коалициски партнери па ги подели дивоградбите на опасни и неопасни“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ велат и дека со оваа изјава Тошковски всушност признава дека законот не важи подеднакво за сите и оти наместо да се покаже во државата дека има ред и закон, тој наоѓа изговори за да ги спаси оние кои му се нему политички блиски.
„Дивоградбите се симбол на беззаконие, на корупција и на договори под маса. Со вакви ставови, Тошковски испраќа порака дека криминалците може мирно да спијат. Тој е тука да најде начин како да ги заштити. Тоа е навредливо за сите чесни граѓани кои плаќаат даноци и чекаат дозволи за градба“,
се вели во соопштението на опозициската партија.
Претходно денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека полициски службеници од повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР) влегоа во повеќе општини во рамки на Градот Скопје, постапувајќи по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а поврзани со бесправна градба.
На прашањето што ќе се прави со одредени објекти доколку се утврди дека се незаконски изградени, Тошковски рече дека ќе се постапува согласно закон.