„Македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум ’мешетарел’, како многу други во чии кариери нема ништо друго освен заткулисни маневри и кафеанско озборување“, вели поранешниот претседател
Фрчковски, пак, смета дека нема да се случи сценариото овие лоби-групи да го сменат Венко Филипче од лидерската позиција на СДСМ

Никогаш не сум „мешетарел“ во моето 30-годишно занимавање со јавните работи. Ова е реакцијата на поранешниот претседател Стево Пендаровски за обвинувањата од Љубомир Фрчкоски дека учествувал во заткулисни игри во СДСМ, партија со која имаат или имаа врски и двајцата.
Поранешниот амбасадор на земјава во Обединетите нации, Фрчкоски, кој замина за Њујорк токму со потпис на тогашниот шеф на државата Пендаровски, во гостување во емисијата „Во центар“ рече дека ова раководство на партијата дозволува поранешни функционери и експретседателот „да роварат“ внатре.
Во денешната реакција, со која вели дека дава појаснување, Пендаровски оценува оти изјавата на Фрчковски е проблематична на две нивоа.
„Македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно бавење со јавните работи никогаш не сум ’мешетарел’ како многу други во чии кариери нема ништо друго освен заткулисни маневри и кафеанско озборување“,
вели Пендаровски во објава на неговиот фејсбук-профил.
Според Пендаровски, многу поголем проблем е што изјавата на Фрчковски е, како што вели, целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради „квалитетот“ на изворите со кои се дружат.
Инаку, Фрчкоски во емисијата освен за Пендаровски, говори и за поранешен министер и градоначалник од редовите на СДСМ, но не ги спомена нивните имиња. Сепак, од контекстот на разговорот може да се заклучи дека станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи, а сега пратеник, Оливер Спасовски, и ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Во ова раководство они си дозволуваат еден пратеник, поранешен министер да ровари тука, бившиот претседател да ровари исто така против партијата, а нема потреба. И бившиот градоначалник исто така да ровари без врска. Што е поентата на тоа роварење не ми е јасно, дали борба за власт внатре“,
рече Фрчкоски.
На сугестија од новинарот дека истото го прави и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шеќеринска, Фрчкоски рече дека за неа нема информација, додавајќи дека таа е помирна.
„Ги гледам и не ми е јасно што е идејата, една лојалност, не мора таа племенско-милитантна лојалност како кај вмровците, туку елементарна лојалност. Фракцијата на Заев доминира во овој период во партијата и ОК, таа има шанси да се реализира, ама одиме понатаму да видиме што ќе се случува“,
рече Фрчкоски.
Тој смета дека нема да се случи сценариото овие лоби-групи да го сменат Венко Филипче од лидерската позиција на СДСМ.
„Што ќе се случи со фракциите? Полека како засилува централниот дел, а тоа зависи од структурата на новото претседателство, немам сомнеж дека лидерство ќе добие шанса понатаму да ја развие партијата“,
додаде Фрчкоски.
