„Правда… знаејќи каква е состојбата во државата се може да се очекува“, вели Ване Зафироски
Смртта на Билјана Зафироска предзвика неколкудневни протести на жителите на Железара кои бараат мерки за поголема безбедност на пешаците
Само минатата година, животот го загубиле 20 пешаци а 151 биле тешко повредени
Исклучителна жена со ведар дух, која не ја соборувале ниту најтешките животни предизвици, вака Ване Зафироски ја опишува својата сопруга, Билјана Зафироска, која на 15-ти месецов беше прегазена од возило „ауди 5“ на улицата „Коце Металец“ во скопската населбата Железара. Билјана зад себе остави две дечиња, 13 годишниот Владимир и 11 годишниот Петар, дете со пречки во развојот.
Нејзиниот сопруг ја опишува Билјана како вистински борец. Се грижела за семејството, за децата, другарувала, била активна на многу групи на социјалните мрежи, работела во дејноста продажба на автоделови и успевала да балансира меѓу сите тие ангажмани. Несреќата во која ненадејно и згасна животот потресе многу нејзини пријатели, но и жителите на Железара, кои се дигнаа на протест. Нејзиното семејство се уште е во шок од трагедијата што се случи.
„Таа беше најпозитивната личност што сум ја запознал. Секогаш ведра, насмеана и спремна да помогне. Беше добродушна и сакана. Расположението никогаш не и се наруши и духот никогаш не и падна поради проблемите кои ги имавме. Ги сакаше децата и постојано работеше со нив. Им помагаше на луѓето и имаше насекаде познанства. Таа имаше повеќе пријатели во Крушево отколку јас, а јас сум од Крушево. Беше многу комуникативна. Изгубив жена со мила ѕвезда, така ја викав“
вели сопругот Ване.
Несреќата се случила додека Билјана преминувала пешачки премин на улицата “Коце Металец”. Тогаш „аудито“ удрило во неа. Починала на лице место, додека дома ја чекале за ручек. Сопругот дознал за сообраќајката непосредно откако се случила.
„Требаше да ми купи риба од маркет бидејќи постам во среда и петок. Ми се јави на телефон за да ми каже дека земала риба и дека ќе помине до аптека кај претпоследна 16-ка, да си купи лекови за неа. Ми рече дека ќе се врати за ручек. Ја чекавме кога ми се јави мајка ми. Она била на телефон со неа во моментот кога ја удриле. Мајка ми ми рече да одам на „Коце Металец“, дека Билјана ја удрила кола. Таа го слушнала тоа, ударот. Јас се облеков и истрачав. Се довезов до таму, но веќе имаше колона. Некој ми рече дека не може да се помине бидејќи има сообраќајка со жртва, тоа ме пресече. Ја оставив колата, се стрчав и ја видов како лежи на земја. Се доближив. Немаше знаци на живот. Дојде брза помош, дојде полиција и ја блокираа улицата,
го раскажува Ване кобниот ден.
Парчиња од автомобилот биле расеани од пешачкиот премин се до телото на Билјана, се присетува Ване. Приметил дека возилото било многу оштетено, а шофершајбната, како што вели, здробена.
Бил направен увид во сообраќајката, брза помош констатирала смрт, а сторителот бил однесен во полициска станица. Ване се вратил дома кај своите деца и мајката на Билјана на кои веќе им ја соопштил трагичната вест.
По овој трагичен случај изреволтирани граѓани на Железараа почнаа со протести на улицата „Коце Металец“. Бараат конкретни решенија од институциите за поголема сообраќајна безбедност. Нивниот револт се прелеа бидејќи смртта на Билјана е последна од низата несреќи по улиците во овој дел од Скопје.
Улиците зедоа три жртви во една недела, од РСБСП велат случајот со Верица Белчовска треба да послужи за поука
За една недела загинаа тројца пешаци на улиците низ земјата. Освен Билјана Зафироска, во период од 13 до 19 јули беа прегазени уште две лица. 54-годишен маж загина на булеварот “Кочо Рацин” додека преминувал пешачки премин со велосипед, а 31-годишна жена беше прегазена во Суводол, Македонски брод додека се движела по патот Прилеп-Кичево.
За помалку од една недела беа зацрнети три нови семејства како резултат на брзото и несовесно возење.
Ова се случува во период непосредно по пресудата за сообраќајната несреќа во која загина 20-годишната Верица Белчовска од беровското село Русино. На 11 април годинава таа беше прегазена од 18- годишно момче, додека преминувала пешачки премин во Струмица. На младиот возач на автомобил марка “нисан” судот му пресуди 15 месеци затворска казна. Верица беше донор со чии органи се спасија три животи.
Дел од јавноста реагираше дека казната е прениска за сообраќајка со смртни последици, уште повеќе затоа што возачот избегал од местото на настанот наместо да и пружи помош на жртвата. Семејството Белчовски најави дека ќе ја обжали пресудата до повисоките судски истанци. Но, на улиците ништо не се менува.
Побаравме став од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) зошто се улиците небезбедни. Од таму велат дека се потребни повеќе контроли од сообраќајната полиција, но дел од одговорноста ја префрлаат на самите пешаци.
„За намалување на сообраќајните незгоди во кои страдаат пешаците, неопходни се редовни контроли на брзината од страна на сообраќајната полиција и унапредување на свеста кај возачите за намалување на брзината на движење во населено место, односно почитување на правилата за ограничување на брзината, особено во населено место, а исто така и пешаците треба да ја разбудат свеста и да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Покрај тоа, неопходни се мерки за унапредување на сообраќајната инфраструктута, ( изградба на функционални подземни и надземни пешачки премини кои ќе бидат соодветно опремени и одржувани, со подвижни скали, итн.) со цел конфликтните точки помеѓу моторизираниот и немоторизираниот сообраќај да бидат сведени на минимум”,
велат од РСБСП.
Во врска со случајот со Верица Белчовска, од таму сметаат дека е време за законски измени кои ќе предвидуваат построги казни за возачите. Повисоките казни за ваквите кривични дела, велат од РСБСП, ќе ја зголемат дисциплината и одговорноста во сообраќајот.
„Верица Белчовска за жал го загуби животот во сообраќајна незгода и за жал не постои начин таа загуба да се надомести и токму затоа РСБСП постојано повикува на внимателно и одговорно учество во сообраќајот , затоа што последиците од сообраќајните незгоди се тешки, болни, трајни и ненадоместливи. И покрај сериозните последици од сообраќајните незгоди, за жал, еден дел од возачите и понатаму се однесуваат неодговорно во сообраќајот притоа потценувајки го ризикот за предизвикување на сообраќајна незгода. РСБСП нема конкретни и официјални податоци за тоа како, на кој начин, од кои причини и под кои околности се случила сообраќајната незгода во која животот го загуби младата Верица Белчовска. Веруваме дека судот ја донел одлуката согласно законот, но следејки ги реакциите на граѓаните и стручната јавност за овој и за неколку други слични случаи, се наметнува прашањето дали законот предвидува еквивалентни казни кои одговараат на тежината на стореното дело и на последиците од стореното дело. Општиот впечаток е дека се неопходни измени на законската регулатива со цел заострување на казнените мерки за предизвикувачите на сообраќајни незгоди во кои има тешко повредени и загинати лица”,
посочуваат од Советот.
Инаку, во 2020 година, вкупно 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Од нив 20 се пешаци. Дополнително 151 пешак бил тешко повреден, а 473 се полесно повредени во сообраќајни незгоди. Претходната 2019 година, пак, смртно настрадале 35 пешаци.
Правда која гарантира дека делото нема да се повтори
Статистиките, сепак, не значат ништо за семејството на починатата Билјана Зафироска. Особено за мајката на Билјана, која пред дваесетина години во сообраќајна незгода го загубила и својот син. Несреќата се случила некаде во деведесетите години, а братот на Билјана имал 27 години.
Семејството сега очекува пресуда за сторителот соодветна на делото. Бараат правдата да биде задоволена, но не им веруваат безрезервно на судството и институциите.
„Правда… знаејќи каква е состојбата во државата се може да се очекува. Се случува и полесни казни да досудуваат. За сторителот очекувам она што следува. Мене и на децата ништо нема да ни ја врати Билјана. Бил крив човекот и треба да си одговара, но и да лежи во затвор и да не лежи за мене лично не е промена. Но, ако му се дава полесна казна, што гарантира дека нема истото да го направи? Мора да се казни за да се вразуми“,
вели Ване.