„Заменик-претседателот на Владата, Николоски, ги нагласи приоритетните проекти на Владата во делот во инфраструктурата со посебен фокус на брзата пруга на Коридорот 10, проект кој треба да овозможи силен инпут во економскиот развој на регионот“, се вели во соопштението на Министерството за транспорт за средбите што Николоски ги имал денеска во Атина, а во рамките на неговата дводневна работна посета на земјата
Изградба на брза пруга на Коридорот 10, зелени коридори на граничните премини, регионална соработка, поефикасен транспорт на стока и патници, биле дел од темите што вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски денеска ги разговарал со својот колега, министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Димас.

Како што соопштија од Министерството, овие теми биле и во фокусот на одвоената средба што Николоски ја имал и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на грчкиот парламент, Константиност Киранакис.
Во рамките на разговорите било потврдено дека унапредувањето на патниот и железничкиот транспорт се областите каде што двете земји имаат заеднички интерес, а во насока на регионален развој.
„Заменик-претседателот на Владата, Николоски, ги потенцираше приоритетните проекти на Владата во делот во инфраструктурата, со посебен фокус на брзата пруга на Коридорот 10, проект кој треба да овозможи силен инпут во економскиот развој на регионот“,
се вели во соопштението од Министерството за транспорт во врска со средбите.
Покрај за брзата пруга, на нив било разговарано и за модернизација на граничните премини преку создавање зелени ленти, со цел да се овозможи побрз и поефикасен транспорт.
Николоски и неговите соговорници, како што наведуваат од Министерството, изразиле задоволство од одлуката на двете земји за изградбата на граничниот премин „Маркова Нога“ како предуслов за зголемување на прекуграничната соработка и подобра комуникација на граѓаните.
На средбите се отвориле и прашањата за можноста за воспоставување железнички линии меѓу двете земји и зголемување на соработката во авиосекторот, преку воведување нови авиолинии.
„На средбите беше потенцирана регионалната соработка и се нагласи можноста за зголемување на економската и трговска соработка преку реализација на заеднички проекти“,
се додава во соопштението.

Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт, во рамките на неговата дводневна работна посета на Грција, имал средба и со вицепремиерот на владата во Атина, Костис Казидакис.
Промоцијата на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти биле темите на кои дискутирале Николоски и Казидакис.
Што се однесува до брзата пруга на Коридорот 10, Николоски на почетокот на јули годинава изјави дека станува збор за кредибилен проект, а тоа го покажал, како што кажа, интересот од 16 врвни финансиски институции и банки кои доставиле понуди за негово финансирање. Вицепремиерот тогаш кажа дека следна фаза е да се направи анализа на понудите, Владата да ја избере најдобрата понуда и да се потпише договор, а Собранието да го усвои таквиот договор.