Случајот во полиција бил пријавен утринава во 3:20 часот, а од запаленото „ауди“ со огнот биле зафатени уште три паркирани возила
Во текот на ноќта во Скопје се запалил автомобил „ауди“, а биле опожарени и три други возила паркирани во непосредна близина.
Според неофицијални информации, „аудито“, регистрирано во сопственост на правното лице Едукативен центар „Џуниор“, го користела сопругата на ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Од МВР излегоа со првичните информации, а увидот треба да покаже дали станува збор за подметнат пожар.
„На 9.3.2022 во 3:20 часот било пријавено дека на улица ’Петре Пирузе‘ во Скопје настанал пожар во патничко моторно возило ’ауди‘ со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице, а паркирано од Ј.Ш. Од пожарот зафатени биле и патнички моторни возила ’пасат‘, ’матиз‘ и ’нисан‘ со скопски регистарски ознаки, сите сопственост на Д.М. (53). Се врши увид и се работи на расчистување на случајот“,
велат од МВР.