„Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум правела досега, слободно и независно“, вели Даути

Два дена откако во Собранието беше изгласана интерпелацијата за пратеничката на Алијанса за Албанците, која е дел од „Европски фронт“, Илире Даути, таа денеска се огласи со пишана изјава до медиумите во која вели дека според донесениот заклучок изгласувањето значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
„Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум правела досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме“,
вели Даути.
Даути во пишаната изјава не кажува децидно дали ова значи дека ќе си поднесе оставка од функцијата, а на дополнително прашање од Алијанса за Албанците велат дека одговорот е јасен посочувајќи на вториот дел од нејзината изјава каде што вели дека во секоја ситуација, меѓу работа под диктат или разрешување, како пратеничка ќе ја избере слободата на дејствување.
Од Алијанса за Албанците велат дека таа би требало веќе да е разрешена бидејќи за неа гласале 61 пратеник.
„Втората опција е таа да работи како што наредуваат другите, што таа е децидна дека нема да го прифати“,
додаваат од Алијанса за Албанците.
Интерпелацијата за Даути, која во ноември ја поднесе Левица, а се најде на првата пленарна седница на законодавниот дом во новата година, ја поддржаа 61 пратеник. За интерпелацијата покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Интерпелацијата на Даути, за која собраниското мнозинство се изјасни дека е основана, беше поднесена затоа што, како што образложи пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, таа како претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочела постапката за носење на Законот за бранители со тоа што одби да го стави на дневен ред на Комисијата.
Даути во своја одбрана од собраниската говорница рече дека целта на интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат поинаку. Таа повтори дека Законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА.
По изгласувањето на интерпелацијата на Даути, дел од медиумите пренесоа дека пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади и дека тој треба да дојде од редовите од опозицискиот „Европски фронт“, на кој му припаѓа и Даути.
Но, по пишувањата дека изгласувањето на интерпелацијата на пратеничката Илире Даути значи и нејзино разрешување од претседателското место во Комисијата за социјална политика, демографија и млади со појаснување и во петокот и денеска се огласија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши од каде велат дека ваквите наводи се неточни.
Оттаму велат дека гласањето за интерпелацијата нема правнообврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.
„Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство“,
пишува во соопштението од кабинетот на Гаши.
Оттаму појаснуваат дека именувањата и разрешувањата се уредени со други посебни процедури, утврдени во Деловникот за работа Собранието, законите и Уставот.
„Собранието на Република Северна Македонија останува цврсто на заложбата за зачувување на институционалниот интегритет, почитување на законите, Деловникот, Уставот и обезбедување на транспарентност во сите собраниски процедури“,
се додава во соопштението.