Професионалните војници кои наполниле 45 години, ќе може да добијат опремнина во износ од две просечни плати, но не помалку од 1 000 евра за секоја година помината во службата

Низа револуционерни придобивки за припадниците на Армијата носат измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата, смета министерката Славјанка Петровска откако истите денеска беа изгласани со 88 гласа „за“ и ниту еден „против“.
Зголемување на платите на активниот виен и цивилен персонал за над 2 000 денари, стекнување со право на пензија со навршени 40 години работеше стаж за мажи односно 38 за жени без оглед на возраста и нова пресметка за персоналот кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата која опфаќа висина од 80 отсто од најповолните 10 години од работниот стаж, се дел од поволностите кои ги носат законските измени што ги истакнува Петровска.
Измените носат и можност на професионалните војници кои наполниле 45 години, да добијат опремнина во износ од две просечни плати, но не помалку од 1 000 евра за секоја година помината во службата.
„Професионалните војници стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата;
За активниот воен и цивилен персонал се предвидува исплата на боледување во висина од 100% од основната плата и додатоци на плата;
Се воведуваат поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата;
Се регулира областа на професионалност, непристрасност и законитост во вршењето на должностите во Армијата и во Министерството за одбрана, на политички неутрален начин. Законот предвидува дека во Армијата нема место за партиска политика“,
наведува Петровска.
Министерката во објавата им се заблагодари на синдикатите за дијалогот во текот на подготовките на измените, но и на пратениците од власта и опозицијата што ги изгласаа законите решенија за подобрување на правата на армиските припадници.
