И на Крит и во близина на Атина, во големите пожари изгореа домови, а дополнително ќе се проценува предизвиканата материјална штета
Големиот пожар што вчера избувна во близина на пристанишниот град Рафина во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, е целосно изгаснат, додека пак пожарот на островот Крит е ставен под контрола, меѓутоа пожарникарите се во состојба на готовност за да спречат евентуални нови разгорувања, јавува МИА.

Пожарот кај градот Јерапетра во југоисточниот дел на островот Крит избувна во средата. Поради силниот ветер тој брзо се прошири при што беа евакуирани илјадници жители и туристи од околните места.
Доцна синоќа имаше ново разгорување во непрооден дел, но огнот веднаш беш ставен под контрола, додека утрово не постои активно жариште.
Во гаснењето на пожарите интервенираат 230 пожарникари со 13 пешадиски тима, 46 возила и група беспилотни летала, како и воздушни средства.
Според локалните медиуми од островот, во општините зафатени од пожарот прогласена е вонредна состојба.
И на Крит и во близина на Атина, во големите пожари изгореа домови, а дополнително ќе се проценува предизвиканата материјална штета.