„Јас сум убеден дека ако останат со заеднички листи со ДУИ и ДПА, разочараните гласачи или ќе останат дома или дел од нив ќе гласаат за албанската опозиција, бидејќи го поддржуваат опозицискиот дух и знаејќи го ова, апелирам (до Алијанса за Албанците, н.з.) да ја разгледаат нивната позиција и да дојдат каде што им е местото, во албанската опозиција“ – вели лидерот на партијата Демократско движење
Алијанса за Албанците се претвори во патерица за спас на Артан Груби и Владата, а нивните гласачи не се задоволни со тоа што се во комбинација со ДУИ. Ова е оценка на лидерот на политичката партија Демократско движење, Изет Меџити, искажана во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.
Според Меџити, Алијанса за Албанците треба да биде во врвот на албанските опозициски движења, особено затоа што политичкиот наратив го градела анти-ДУИ.

„За жал, ако гледаме што мислат нивното раководство и нивните структури, наместо да го држеа бајракот на опозиција, тие влегоа во ваква влада и се претворија во патерица за спас на Артан Груби и на владата, бидејќи не би имале бројки, би имало други околности, но тоа е нивно внатрешно прашање. Мислам дека гласачите на Алијанса за Албанците се изградени врз наративот анти-ДУИ, против политиките на ДУИ овие 15 години и мислам дека не се комотни во комбинација со ДУИ“,
вели Меџити.
Тој го повикува раководството на Алијанса да им се приклучи во опозициската борба со цел, како што вели Меџити, да направат промена.
„Јас сум убеден дека ако останат со заеднички листи со ДУИ и ДПА, разочараните гласачи или ќе останат дома или дел од нив ќе гласаат за албанската опозиција, бидејќи го поддржуваат опозицискиот дух и знаејќи го ова, апелирам да ја разгледаат нивната позиција и да дојдат каде што им е местото, во албанската опозиција. Да направиме промена, да создадеме нов политички дух во Северна Македонија, бидејќи ќе биде здраво за демократијата, за процесите“,
вели лидерот на Демократско движење во интервјуто за „360 степени“.
Реагирајќи на новинарската теза дека досега имало многу обиди, но дека ниеден политички субјект не успеал ни да и се доближи на ДУИ, поранешниот чаирчански градоначалник тврди дека политичката клима сега е поразлична, особено со корупциските афери на ДУИ.
„Ова што и се случува на ДУИ не и се случило овие 20 години – секојдневните афери, корупциските афери, здравствените афери, неуспесите во сите ветувања и изборната програма. Нашата цел е оваа обединета опозиција да излезе со понуда и визија и мислам дека ова ќе биде предизвик на овие избори. Мислам дека ДУИ скршна од идеалот, скршна од програмата, нема што да им понуди веќе на граѓаните, и помина времето“,
изјави Меџити.
Изет Меџити, како кадар на ДУИ, беше градоначалник на Општина Чаир во периодот од 2005 до 2017 година. Речиси 20 години беше лојален на партијата која ја води Али Ахмети, а беше и нејзин потпретседател. Изминатава година, заедно со уште неколкумина сопартијци, незадоволни, пред се, од политичката моќ концентрирана кај Артан Груби, ја формираа т.н. „огнена група“, а на 13.август Меџити ја официјализира новата партија Демократско движење.