Со денешниот избор Основниот граѓански суд Скопје се засилува со осум нови судии, Кривичниот со седум, струмичкиот и битолскиот суд со по тројца, тетовскиот доби двајца нови судии, а судот во Свети Николе има уште еден нов судија

Неколку основни судови низ државата ќе се засилат со нови судии откако денеска Судскиот совет на седница избра 25 кандидати од распишаните огласи за места во Битола, Свети Николе, Тетово, Струмица и двата основни суда во Скопје – Кривичниот и Граѓанскиот.
Сите нови судии беа избрани едногласно, со 11 гласа „за“ од актуелните членови на Судскиот совет со право на глас. Станува збор за кандидати од последната генерација која во февруари годинава ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители.
Меѓу денеска избраните нови судии се и имињата на блиски роднини на функционери, обвинители и судии.
Меѓу нив, во Основниот кривичен суд Скопје ќе суди Биљана Смаќоска – ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска, како и Драган Јосифоски – син на обвинителката Елизабета Јосифоска. Таа и беше заменичка на Катица Јанева во СЈО, а од неодамна е шефица на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар. Колега во Кривичен ќе им биде и Кирил Георгиев, кој е син на Наке Георгиев, поранешен претседател на Апелацискиот суд Штип и актуелен судија во Врховен. Таткото Георгиев пред десетина дена беше избран за член на Судскиот совет, но, како што информиравме, тој денеска си поднесе оставка од член на Судскиот совет за неговиот син да може непречено биде избран за судија.
Тројцата се дел од вкупно седумтемина избрани во Кривичниот суд. Во Основниот граѓански суд Скопје, пак, ќе има осум нови судии, а меѓу нив и Симона Бубевска-Муцунски, инаку сопруга на градоначалникот на Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Во струмичкиот Основен суд, пак, ќе има тројца нови судии, меѓу кои е и Биљана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Во продолжение погледнете ја целата листа на судии кои денеска беа избрани од Судскиот совет:
- Основен граѓански суд Скопје: Кристијан Митревски; Симона Бубевска-Муцунски; Лилјана Костојчиновска; Драган Петрушевски; Маја Каталиниќ; Андреа Апостолоска-Малиновска; Пајтим Машкули; и Јордан Јованов.
- Основен кривичен суд Скопје: Марија Беговиќ; Биљана Смаќоска; Драгана Исаковска; Драган Јосифоски; Ахмед Идризи; Фросина Стојановска; и Кирил Георгиев.
- Основен суд Битола: Петар Чаловски; Елена Журовска; Горан Димовски.
- Основен суд Тетово: Бојана Тоиќ; и Реџеп Муса.
- Основен суд Струмица: Катерина Тодорова; Билјана Иванова; и Костадин Ѓорѓиев.
- Основен суд Свети Николе: Драгана Илиоска.
Од последната, седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители со уверенија се здобија вкупно 58 слушатели – 30 за судии и 28 за јавни обвинители.
Повеќето од обвинителите веќе беа избрани, а меѓу имињата што го привлекоа вниманието на јавноста беа Барлет Џафери, син на собранискиот спикер Талат Џафери, како и Албулена Абази, сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази. Џафери беше избран за обвинител во Гостивар, а Абази за Кичево.