Со ова се се става крај на едногодишната политичка криза во Косово по последните редовни избори во февруари минатата година. Неможноста да се избере влада речиси една година по изборите, беше причина да се одржат нови, вонредни парламентарни избори во декември лани на кои Самоопределување освои 57 мандати во 120-члениот парламент
Неколку часа откако беше конституиран, косовскиот парламент вечерва ја избра Владата на Косово, повторно на чело со премиерот Албин Курти. Изборот на новиот владин состав, кој брои 19 министри и три вицепремиери, го поддржаа 66 пратеника, додека 49 гласаа „против“.

Со ова се става крај на едногодишната политичка криза во Косово. По последните редовни избори во февруари минатата година, Косово имаше привремена влада и целосно нефункционален парламент откако партијата на Курти не успеа да освои доволен број пратеници во парламентот и да избере влада. Неможноста да се избере нов владин состав речиси една година по изборите, беше причина да се одржат нови, вонредни парламентарни избори во декември лани, на кои Самоопределување освои 57 мандати во 120-члениот парламент.
Во говорот пред пратениците, Курти порача дека во следните четири години владата ќе ги зајакне сојузите со Западот, ќе инвестира една милијарда евра во одбраната, ќе го продолжи дијалогот со посредство на Европската Унија со Србија и ќе продолжи со инвестиции во социјална помош, образование и инфраструктура.
Владата на Албин Курти брои три вицепремиери и 19 министри. Прв вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора е Глаук Коњуфца, втор вицепремиер и министер за правда – Доника Гервала, трет вицепремиер за прашања на малцинствата и соработка – Фикрим Дамка.
Министер за финансии е Хекуран Мурати, министер за труд – Андин Хоти, министер за одбрана – Ејуп Македончи, министер за внатрешни работи – Џелал Свечла, министер за дигитализација и јавна администрација – Лулезон Јагџиу, министер за здравство – Арбен Витија, министер за образование и наука – Хајрула Чеку, министер за култура и туризам – Саранда Богујевчи, министер за спорт и млади – Блерим Гашани, министер за локална самоуправа – Елберт Красниќи, министер за животна средина и просторно планирање – Фиторе Пацоли, министер за земјоделство, шумарство и рурален развој – Арменд Муја, министер за инфраструктура и транспорт – Димал Баша, министер за индустрија, претприемништво, трговија и иновации – Мимоза Кусари, министер за економија – Артане Ризваноли, министер за заедници – Ненад Рашиќ и министер за регионален развој – Расим Демири.
