„Ќе имаме избори во вистинско време, но главната работа е да ја поправиме таа распадната земја. Во моментов таа е мртва земја“, рече американскиот претседател
Одржување нови избори во Венецуела засега не се приоритет за американскиот претседател Доналд Трамп по воените напади на Соединетите Американски Држави (САД) врз земјата. Ова тој го рече пред новинарите во претседателскиот авион „Ер форс уан“, на враќање за Вашингтон од неговата резиденнција во Мар-а-Лаго на Флорида.

„Ќе тргнеме во насока да ги поправиме работите. Ќе имаме избори во вистинско време, но главната работа е да ја поправиме таа распадната земја. Мора да го направиме тоа за земјата. Во моментов таа е мртва земја“,
рече тој.
Посочи дека ќе има големи инвестиции од нафтените компании за да ја врати инфраструктурата во Венецуела.
„Компаниите се подготвени да одат. Ќе влезат. Ќе ја обноват инфраструктурата“,
кажа Трамп.
На новинарско прашање дали разговарал со Делса Родригез, која ја презеде улогата вршител на должноста претседателка по наредбата на Врховниот суд до нови избори, не одговори конкретно, туку само рече дека се работи со луѓето што положија заклетва.
За тоа дали американската операција во Венецуела била за нафта или за промена на режимот, тој кусо одговори дека станува збор за мир на Земјата.
Во саботата на 3 јануари американски воени сили нападнаа повеќе цели во Венецуела, го заробија претседателот Николас Мадуро и го изнесоа од земјата. Тој треба да се соочи со судење во Њујорк по обвиненија поврзани со дрога и оружје.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера изјави дека на Соединетите Американски Држави (САД) не им е потребна венецуелска нафта, но оти нема да дозволат нивните глобални противници да ги преземат нејзините ресурси.
Сепак, не сакаше да прецизира кога ќе се одржат изборите во Венецуела.
„Прерано е сега да се зборува за тоа. Има уште многу работи. Во моментов сме фокусирани на сите проблеми што ги имавме кога Мадуро беше на власт“,
рече тој.
Трамп вчера ѝ се закани на новата претседателка на Венецуела, Делса Родригез, дека би можела да плати повисока цена од соборениот лидер Николас Мадуро ако не го стори она што е исправно.
