Претседателот на Комисијата за спроведување избори за избор на членови на Судскиот совет, Исамедин Љимани, на денешната прес-конференција рече дека гласањето ќе трае до 15 часот и досега нема пријавено проблеми
Во Судскиот совет денеска се одржуваат избори за три испразнети места откако судиите што досега беа на тие позиции заминаа во пензија, согласно Законот за работни односи.

Комисијата денеска ги спроведува изборите од редот на судиите во три изборни подрачја – Врховен суд, во Апелационо подрачје Скопје и управните судови и во Апелационото подрачје Гостивар.
Во изборното подрачје Врховен суд пријавен е само еден кандидат, судијката Мирјана Радевска Стефкова. Во оваа изборна единица има запишано пет избирачи.
Во изборното Апелационо подрачје Скопје и управните судови пријавен е само еден кандидат, судијата на Апелационен суд Скопје Зоран Герасимовски. Во оваа изборна единица вкупно се запишани 213 избирачи и се спроведуваат изборите во 12 изборни места.
Во изборното Апелационо подрачје Гостивар има пријавено двајца кандидати – судиите на Основен суд Тетово, Љупчо Спироски и Ивица Николовски. Изборите се спроведуваат во пет изборни места и вкупно се запишани 45 избирачи.

Претседателот на Комисијата за спроведување на избори за избор на членови на Судски совет, Исамедин Љимани на денешната прес-конференција рече дека гласањето ќе трае до 15 часот и досега нема пријавено проблеми.
„Најдалечното место ни е Гевгелија и Дебар, како ќе дојдат така ги собираме и ги утврдуваме резултатите. После комисијата ги утврдува и ги објавува неофицијалните резултати. Нема цензус во Законот не е предвидено дали треба да има цензус од колку избирачи. Комисијата од тројца членови ги пребројува сите гласачки ливчиња и потоа ги утврдуваме резултатите и ги објавуваме. Кој колку добие и кој станал член ќе се знае по поминување на роковите за жалби и приговори“,
рече Љимани.
