Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која реши да не предложи свој кандидат за градоначалник, обвинува дека 3 години ништо не е направено во Штип туку само се делеле тендери на фирми поврзани со поранешниот градоначалник
Во главниот фокус на мојата програма е инфраструктурата, а истовремено и обезбедување на еколошки здрава и чиста животна средина, грижа за сите граѓани подеднакво, подобри услови за учениците во училиштата, за најмалите во градинките, како и грижа за нашите највозрасни сограѓани, пензионерите, порача кандидат за градоначалник на Штип од редовите на СДСМ Сашко Николов.
Кампањата за изборите започна вчера, а тој денеска одржа прес-конференција заедно со генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски.
Предвремените избори ќе се одржат на 13 декември, а штипјани ќе бираат нов градоначалник затоа што претходниот, Благој Бочварски, стана министер за транспорт и врски.

Николов ветува изградба и реконструкција на повеќе улици, набавка на пет возила за собирање смет со цел да се воведе нов режим на собирање, поставување мерни станици за квалитетот на воздухот, паркови во неколку населби итн.
„Долгогодишниот сон на штипјани станува реалност. Обезбедени се средства од Влада на Република Северна Македонија за започнување на изградба на брана на река Отиња, проект од историска важност за Штип. Воведуваме гасификација во Штип. Она што е важно да се истакне е и дека завршени се идејниот и инфраструктурниот проект, во финална фаза е основниот проект. По завршување на постапката која ја води Владата, ќе се пристапи со изградба на 20 километри гасоводна цевка до Штип“,
зборуваше Николов на прес-конференцијата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, реши да го бојкотира изборите поради ситуацијата со ковид-19. А по прес-конференцијата на Николовски и Николов, а се огласија обвинувајќи дека СДСМ во Штип не направил ниту еден проект во изминатите 3 години.
„3 години не реализираа ниту 5 проценти од програмата на претходните локални избори. 3 години не направија ниту еден капитален проект, ја нема гасификацијата, ја нема браната, ја нема жичарницата. Гледаме дека во овие 3 години власт на СДСМ во Штип единствено функционира делењето на тендери на фирмите на Бочварски. СДСМ, Николовски и Николов молчеа за злоупотребите за тендерите. Наместо да ги спречуваат ги охрабрувале“,
обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај блокадата на најголемата опозициска партија, на предвремените избори за градоначалник во Штип има уште четворица кандидат со Николов од СДСМ: Симон Поликарп од Интегра-Македонска конзервативна партија, Трајче Митев независен кандидат, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ и Лазар Наумов од партијата ТМРО.