Во Хрватска денеска се одржуваат избори за 10-тиот состав на хрватскиот Сабор (парламент) од стекнувањето на независноста, за кои експертите велат дека се најнеизвесните досега.

Според најновите истражувања, мала, но, сепак, некаква предност за победа на изборите и се дава на коалицијата од партии „Рестарт“, собрани околу опозициската левичарска Социјалдемократска партија (СДП), чиј претседател е Давор Бернардиќ.
Бернардиќ го замени актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ на функцијата претседател на СДП, кој беше надвор од политиката некое време, до неговиот избор на новата функција кон крајот на минатата година.
Втора, според анкетите на јавното мислење, е Хрватската демократска заедница (ХДЗ), на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ. Сериозна конкуренција на ХДЗ во десниот табор е движењето Домовински покрет, формирано од пејачот Мирослав Шкоро, поранешен кандидат за хрватски претседател.
Хрватскиот парламент брои 151 член, а според проценките на ХРТ, релативен победник во сите 10 изборни единици би можела да биде коалицијата на СДП предводена од Давор Бернардиќ, со 60 места, на вторе е ХДЗ на Пленковиќ со 54 места, а трета Домовински покрет на Шкоро со 18 места.
Експертски проценки
Коментирајќи ги најновите оценки, аналитичарот Жарко Пуховски оценува дека според рејтингот на партиите кај граѓаните, опцијата за повторување на изборите кон крајот на есента не е невозможна.
Според него, ХДЗ никогаш не била во толку тешка позиција пред избори како што е сега, рејтингот паѓа и на десничарското движење на Шкоро, а на коалицијата „Рестарт“, на партиите собрани околу СДП, ќе и биде многу тешко, ако не и невозможно, да собере парламентарно мнозинство од 76 пратеници за формирање влада.
Во случај ХДЗ да биде во ситуација да формира влада, Пуховски смета дека тоа ќе биде тешко, бидејќи на Пленковиќ ќе му треба поддршка од малцинските партии.
Статистика
Официјално, предизборната кампања во Хрватска траеше само 15 дена, а поради коронавирусот, беше обележана и со два телевизиски дуели на лидерите Пленковиќ и Бернардиќ.
Право на глас на овие избори ќе имаат 3,86 милиони избирачи, кои ќе гласаат на околу 7 000 избирачки места во Хрватска и во странство, а избираат меѓу 2 700 кандидати од 192 листи. Во 12-та изборна единица, во која националните малцинства избираат осум пратеници, има 17 кандидати.

На избирачките ливчиња има 41 отсто жени, а просечната старост на кандидатите е 48,6 години.
Изборите ќе ги следат речиси 8 700 набудувачи.
Редовните парламентарни избори во Хрватска требаше да се одржат во декември годинава, но поради состојбата со коронавирусот тие се поместени за неколку месеци порано.
За гласањето ќе се применуваат мерки на заштита кои опфаќаат секој гласач да носи маска и свое пенкало за гласање. Дури во петокот, на барањето на Уставниот суд, Државната изборна комисија дозволи гласање на лицата заболени со ковид-19. Според објаснувањето, тие ќе гласаат со лица од доверба.
Гласачките места ќе бидат затворени во 19 часот, а првите резултати се очекуваат во 21 часот.