Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека во 8:00 часот утринава се отворени сите 19 избирачки места во четирите општини. Дописниците на регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) јавуваат за слаба излезеност на изборите, а како што велат, гласачи се гледаат само во оние населени места каде што живее албанска заедница
Во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – денеска се одржуваат вонредни локални избори откако градоначалниците од редовите на Српска листа поднесоа оставки во ноември минатата година противејќи се на одлуката на косовската влада да ги замени српските ознаки на регистарските таблички со ознаката РКС (Република Косово).
Во трката за градоначалници има десет кандидати, а од нив само Слаѓана Пантовиќ е од српската заедница. Таа е независен кандидат за градоначалник на општина Звечан.
Најголемата партија на Србите во Косово, пак, Српска листа, одлучи да не учествува на изборите и ги повика косовските Срби да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово соопшти дека во 8:00 часот утринава се отворени сите 19 избирачки места во четирите општини. Според податоците на ЦИК, право на глас имаат 45 095 гласачи, а во општините Лепосавиќ и Звечан каде што се гласа за советници, право на глас имаат 20 314 гласачи.
„Изборниот процес се одвива добро, без какви било нерегуларности или инциденти“,
рече претседателот на Централната изборна комисија на Косово, Крешник Радониќи, и ги повика граѓаните да гласаат.
Дописниците на регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) јавуваат за слаба излезеност на изборите, а како што велат, гласачи се гледаат само во оние населени места каде што живее албанска заедница.
Се очекува дека излезеноста ќе биде мала, бидејќи Српската листа – најголемата партија на косовските Срби, која и самата нема да учествува на изборите – повика на бојкот на процесот.
Додека косовските власти ги повикуваат граѓаните да излезат и да го дадат својот глас, српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, процени дека на изборите нема да гласаат повеќе од 100 Срби.