Денеска во Србија се одржуваат парламентарни, покраински и локални избори. Изборите требаше да се одржат на 26 април, но поради епидемијата со коронавирусот беа поместени за 21 јуни. Гласањето започна во 7 часот, а ќе трае до 20 часот.
Право на глас имаат 6,5 милиони граѓани кои ќе избираат пратеници во Собранието каде има 250 места. Паралелно се одржуваат и локални избори односно се избираат општинските совети и градоначалници, а во покраината Војводина има избори и за Покраинското собрание.
Поради коронавирусот, Републичката изборна комисија (РИК), најави дека за денешниот ден на избирачките одбори ќе им обезбеди маски и ракавици додека гласачите немаат обврска да носат заштитна опрема кога одат на гласање.
Фаворит на изборите е Српската напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вуќиќ, но поголемиот дел од опозицијата собрана околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС) се реши на бојкот бидејќи сметаат дека нема услови за фер и демократски избори.