Државната изборна комисија (ДИК) в среда ќе го заклучи Избирачкиот список и во него ќе бидат нешто повеќе 1 814 000 граѓани, рече првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски, на заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Прецизната бројка ќе биде позната в среда, а потоа списокот ќе се генерира и ќе се предаде на печатење. Деркоски нагласи дека Избирачкиот список континуирано се чисти и затоа има високо ниво на прочистеност, па не треба да има загриженост околу тоа прашање.
Изминатата недела членовите ДИК направила проверка на сите избирачки места, а голем број од нив ќе се дислоцираат за изборите на 15 јули за да се задоволат критериумите за заштита од коронавирусот.

„Дислоцираме огромен број избирачки места кои не ги задоволуваа критериумите, заменивме многу избирачки места, обезбедивме гласање во спортски сали онаму каде што има“,
рече Деркоски.
Тој заедно со Чулев денеска презентираа видео и печатени материјали од заедничката кампања на МВР и ДИК, поддржана од ОБСЕ, за фер и безбедни избори. И двајцата нагласија дека овие избори се клучни за европската иднина на земјата и мора да се обезбеди фер и демократски изборен процес.
Деркоски уверува дека граѓаните може да се чувствуваат безбедни и сигурни и ги повика да излезат да гласаат за да се обезбеди легитимитет на идната власт која и да е.
Чулев, пак, рече дека МВР ги има ставено сите свои капацитети на располагање за да ја гарантира безбедноста на изборите и посочи дека е формиран и републички оперативен штаб „Избори 2020“, со кој раководи директорот на БЈБ.

„Преку оваа прес-конференција и промотивна кампања испраќаме јасна порака дека нема простор и толеранција за изборен поткуп и праќаме порака дека МВР соодветно ќе ги санкционира сите притисоци и заплашувања кон граѓаните. Европскиот пат на кој се наоѓа нашата држава е директно условен од регуларноста на овие избори, но од нив зависи и кредибилитетот и легитимитетот на идната влада“,
рече министерот обесхрабрувајќи ги граѓаните да пријавуваат секаков вид нерегуларности.