Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, денеска информираше дека нема да се одржуваат организирани молитви во џамиите како превенција од ширење на коронавирусот.
Тој рече дека нема да се организира ниту петочната молитва “Џума” и апелираше до верниците тоа да го направат дома.
„Во случај на починати како последица од коронавирусот, погребната церемонија се врши од надлежните органи, додека пак намазот на починатиот и другите церемонии според Исламскиот шеријат, ќе се вршат по погребот. Оваа правило важи и за починатите кои евентуално ќе бидат донесени од странство“,
изјави претседателот на ИВЗ, Реџепи.
Тој им порача да исламските верници да ги избегнуваат сите масовни собири, да бидат мирни и во склад со своето верување, да ги следат препораките на одговорните луѓе, да не стануваат жртви на непотребна паника.
На прес-конференцијата присуствуваше и вицепремиерот Бујар Османи, кој рече дека во име на Кризниот штаб им се заблагодарува на ИВЗ и нејзиниот претседател за одлуката за неорганизирање на молитвите во џамиите.
Тој уште додаде дека со оваа одлука значително ќе се придонесе за подобро управување со пандемијата и брзо враќање во нормалниот живот.