Директорот на „Македонски Железници ифраструктура“, Синиша Ивановски, рече дека жали што Бугарија не презема активности за изградба на пругата која треба да ги поврзе двете земји и изрази надеж дека бугарските власти ќе се консолидираат по ова прашање
На техничко ниво имаме решение кое им одговара на двете страни, но кога доаѓа до политичкиот момент изгледа дека желбата постои само од наша страна – вели директорот на „Македонски Железници ифраструктура“, Синиша Ивановски, во врска со изградбата на пругата од Коридорот 8 кон Бугарија, конкретно за делницата од Крива Паланка до бугарската граница. Изградбата на оваа делница, како што рече, сè уште е предмет на дискусии.

„Во многу средби кои јас лично ги имав со претставници на железничката инфраструктура на Бугарија имаме усвоени ставови дека тунелот мора да биде пробиен само од една страна и на техничко ниво можам да кажам дека имаме решение кое им одговара на двете страни. Кога доаѓа политичкиот момент, желбата изгледа постои само на една страна. Не дека ние ја прокламираме таа желба, туку ние работиме на терен“,
рече Ивановски.
Во оваа смисла тој кажа дека за разлика од македонска страна, од другата страна не постои соодветен одговор.
„Пругата кон Бугарија има три секции. Првата од 34 километри беше завршена овој јануари, втората – од Бељаковце до Крива Паланка во моментов се работи со турскиот изведувач ‘Ѓулермак’. Таму постои некој прогрес од околу 30 проценти, но динамиката која што ја гледаме ја терен според мене не е на нивото на кое треба да биде. Третиот дел од Крива Паланка до границата е сè уште предмет на дискусии“,
додаде директорот на МЖ „Инфраструктура“.
Ивановски рече дека жали што Бугарија во овој момент не презема активности за изградба на пругата која треба да ги поврзе двете земји и изрази надеж дека бугарските власти ќе се консолидираат по однос на ова прашање.
„Освен што треба да го пробијат тунелот од 1,5 километар треба да направат само 500 метри пруга до станицата Ѓуешево. Треба да инвестираат и во делот од пругата од Софија до Ѓуешево која е во лоша состојба. Сè додека ние работиме и градиме пруга кон Бугарија, а Бугарија не гради ништо кон Македонија и ги избегнува десетиците покани кои јас лично ги пратив за средба, сметам дека, за жал, имаме неуспешна приказна за двете страни“,
рече Ивановски.