Таа додава дека навреме ќе ја информира јавноста за ситуацијата во врска со кривична пријавата, како и Обвинителството како надлежна институција

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, денеска на својот фејсбук-профил информира дека 11 часа откако ја објавила кандидатурата, полицајци затропале на нејзината врата да ѝ врачат кривична пријава.
„Синоќа во 20:30 ч. двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација“,
пишува Ивановска.
Таа во објавата додава дека навреме ќе ја информира јавноста за ситуацијата околу кривична пријавата, како и Обвинителството како надлежна институција.
Граѓанските иницијативи од Платформата „Независни заедно“ вчера ја претставија Билјана Ивановска како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар.
Најавувајќи ја својата кандидатура, Ивановска порача дека правдата, интегритетот и одговорноста се вредности што ја водат цел живот и дека кампањата ќе се базира на три столба: одговорност и отчетност, инклузивност и заедништво и солидарност.