Од кабинетот на шефот на државата посочуваат дека е потребно да се определи надлежна институција што ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација, со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не како досега, преку согласност на нивен роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствата на дел од македонските граѓани
Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој недвосмислено правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности, велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски откако деновиве стана актуелна темата за регистрацијата на здружението ,,Цар Борис Трети” од Охрид.
„За жал, како држава, од неодамнешното именување на клубот во Битола, според историски докажан соработник на нацистичкиот режим, не извлековме поука. Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој на недвосмислен начин правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности“,
соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски за ТВ 24 во врска со новоформираните бугарски здруженија во земјава.
Од кабинетот на шефот на државата посочуваат дека за таа цел е потребно да се определи надлежна институција што ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација, со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не како досега, преку согласност на нивен роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствата на дел од македонските граѓани.
„Во постојните прописи и покрај правните празнини и недоречености, постојат правни можности за реакција на институциите и тие треба да дејствуваат во таа насока без да си ја префрлаат одговорноста“,
велат од кабинетот на претседателот.
Во април годинава во Битола беше отворен Културниот центар „Ванчо Михајлов“, но за два месеца, во јуни, објектот беше опожарен.
Овој месец повеќе организации во земјава реагираа за регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија оценија дека со регистрацијата на ова здружение во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза.
На социјалните мрежи, како што објавија некои медиуми, веќе се споделува информација дека и во Богданци се подготвува ново здружение на Бугари кое, според најавите, треба да го носи името на цар Фердинанд, татко на цар Борис Трети.
