Во текот на денот на Клиниката за токсикологија имало уште тројца пациенти на амбулантски преглед
Екипите на Итната медицинска помош во текот на ноќта извршиле 13 интервенции во реонот на скопското село Трубарево, а едно лице е пренесено на Клиниката за токсикологија, соопшти денеска министерот за здравство, Азир Алиу и додаде дека е извршен и транспорт на неподвижно лице до друго населено место.

„Здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици од пожарите. Од извршените интервенции на Итната медицинска помош само едно лице е транспортирано на Клиниката за токсикологија. Кризниот штаб што веднаш го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземат соодветни мерки согласно околностите“,
вели Алиу.
Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Арѓенд Имери, соопшти дека пациентката што е примена во текот на ноќта е во добра состојба.
„Пацинетката има и други придружни симптоми и од тие причини е задржана на лекување. Но, најважно е дека се наоѓа во добра состојба“,
кажа тој.
Во текот на денот на Клиниката имало уште тројца пациенти на амбулантски преглед.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вчера попладне информираше дека нема отстапувања од нормалните референтни вредности што би укажале на зрачење, односно, радијација во воздухот во главниот град по пожарот во скопско Трубарево.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, пожарот што избувна во саботата во објект на фирма за електронски отпад во скопско Трубарево е целосно изгаснат, а драстично е подобрена и состојбата во депонијата „Дрисла“.
Пожарот во објект на фабрика за електронски отпад во скопско Трубарево избувна во саботата, а пожарот на депонија „Дрисла“ на 9 септември, по што истиот се разгоруваше и чадеше со денови.