Односите меѓу Приштина и Белград се заострија откако косовската Влада пред два дена почна да ја спроведува одлуката за реципроцитет кон Србија – воведе времени регистарски таблички за српските возила кои влегуваат на граничните премини. Времените таблички со ознака РКС чинат пет евра и се со важност од 60 дена

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел вечерва преку соопштение повика на итна деескалација на ситуацијата северот на Косово и додаде дека секоја провокација или еднострана акција што е спротивна на интересите на луѓето во регионот мора да се избегнува.
„Го повикуваме раководството во Белград и Приштина да преземат одговорен пристап и да работат преку дијалог со посредство на ЕУ со цел да избегнат понатамошна ескалација, да воспостават мирна атмосфера и да работат на одржливи решенија. Во интерес на сите е да се бара начин напред што овозможува слобода на движење и што го подобрува секојдневниот живот на луѓето“,
пишува во соопштението.
Во него се нагласува дека дијалогот со посредство на ЕУ е единствената платформа за решавање на сите отворени прашања. Исто така, Борел потенцира и дека сите договори постигнати во процесот на дијалог со посредство на ЕУ од неговиот почеток во 2011 година се валидни и обврзувачки за двете страни.
Денеска и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, порача дека императив во односите помеѓу Србија и Косово е да се покаже воздржаност и да се намалат тензиите, да се врати договорот и да се обезбеди слобода на движење без одлагање.
Односите меѓу Приштина и Белград се заострија откако косовската Влада пред два дена (20 септември) почна да ја спроведува одлуката за реципроцитет кон Србија – воведе времени регистарски таблички за српските возила кои влегуваат на граничните премини. Времените таблички со ознака РКС чинат пет евра и се со важност од 60 дена.
Оваа одлука предизвика протести на Србите во северно Косово, кои со патнички и други возила го блокираа граничниот премин Јариње, а следеа и остри реакции од официјален Белград, откако косовските власти упатија специјалните единици на граничните премини.