Еден од кандидатите за министри кој наиде на негодување кај потенцијалните владини партнери, партијата на Слави Трифонов сега го предлага и за вицепремиер
Партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов, на истекот од рокот, до претседателот Румен Радев го достави предлогот за состав на нова бугарска влада предводена од мандатарот Пламен Николов.
Меѓутоа, како што јавуваат медиумите од Софија, политичката неизвесност продолжува. Во предлогот што попладнето му беше презентиран на Радев, младиот адвокат Петар Илиев, кој е номиниран за министер за внатрешни работи, се предлага да биде и вицепремиер за безбедност и внатрешен ред.

Илиев е името за кое во бугарските медиуми наголемо се шпекулираше дека ќе биде кандидат за премиер. Тогаш, критичарите му забележуваа за неговата блискост со бугарските социјалисти од БСП, еден од можните партнери во идната влада на ИТН, но и за неговиот статус како почесен конзул на Барбадос, земја која до неодамна беше и на црната листа на ЕУ. Се спори и неговиот докторат дека има елементи на плагијат.
Другото име од предлогот на ИТН за кое забелешки имаше „Демократска Бугарија“, потенцијален партнер на ИТН, е Момчил Иванов, кој беше предложен за министер за правда. Тој јавно влезе во конфронтација со „Демократска Бугарија“, но од утрово не е на списокот министри. Се повлече самиот, а на негово место ИТН го предложи Иво Атанасов.
Бугарските медиуми пишуваат и дека сè уште не е познат точниот број на вицепремиери што би ги имала идната бугарска влада. Освен споменатиот Илиев, за вицепремиерска функција е номиниран и Ради Најденов, кој е кандидат за министер за надворешни работи. Тој би бил вицепремиер за европски прашања.
- Кој е составот на владата што ја предлага ИТН, со исклучок на Иванов кој се повлече, прочитајте ТУКА.
Гласањето во бугарскиот парламент за предложената влада од ИТН се очекува да се случи наредната недела. Од партиите со кои разговараше ИТН за поддршка, досега нема официјална потврда дека ќе гласаат „за“. Покрај споменатата „Демократска Бугарија“, тука е и „Исправи се“.
Досега, единствено е познато дека има напредок во разговорите помеѓу ИТН и БСП, чиј претставници утрово одржаа средба. Меѓутоа, од бугарските социјалисти нагласија дека конечната одлука ќе ја донесе раководството на партијата.
За да биде изгласана влада потребни се 121 глас од вкупниот број пратеници кој изнесува 240. ИТН има 65 пратеници, БСП 36, „Демократска Бугарија“ 34, а „Исправи се“ 13. Има опција владата да биде изгласана и со помалку гласови од апсолутното мнозинство, но за да се случи тоа потребно е во салата да не се присутни сите пратеници.
Доколку не биде изгласана владата што ја предлага ИТН, тогаш претседателот Радев ќе треба да го даде мандатот на следната партија по бројот на пратенички мандати, во случајот ГЕРБ Бојко Борисов, но тој веќе најави дека нема ниту да се обиде да формира влада и веднаш ќе го врати мандатот.