Од трите партии кои се потенцијални партнери на ИТН, во меѓувреме, е објавено дека е постигнат напредок со БСП, но конечната одлука ќе треба да ја донесе врвот на партијата
Партијата „Има таков народ“ на шоуменот Слави Труфонов и официјално потврди дека ќе предложи состав за нова влада на Бугарија. Мандатарот Пламен Николов ќе му го врачи предлогот на претседателот Румен Радев во 17 часот (16 часот по македонско време), кога ѝ истекува рокот.
Информацијата во изјава за медиумите ја потврди Николов.

Потоа процедурата налага Радев предлогот да го достави до парламентот за гласање. Седницата на која ќе се гласа, како што пишуваат бугарските медиуми, ќе се одржи во текот на наредната недела.
Доколку предложената влада не добие поддршка, тогаш претседателот ќе треба да го врачи мандатот на втората партија според бројот на пратенички мандати, а тоа е ГЕРБ на Бојко Борисов, кој веќе изјави дека ќе го врати мандатот односно нема да се обиде да состави влада.
Додека од останатите две партии кои произлегоа од протестите заедно со ИТН – „Демократска Бугарија“ и „Исправи се“, засега нема потврда дека ќе ја поддржат предложената влада, се чини дека партијата на Трифонов е блиску до договор со третиот потенцијален партнер, Бугарската социјалистичка партија (БСП).
По првичниот состанок во вторникот (3 август), претставници од двете партии денеска имале нова средба по која излегоа со изјави дека постигнале напредок.
„Сакам да го изразам моето задоволство затоа што успеавме да ги приближиме ставовите за речиси сите прашања кои претставуваа потешкотии меѓу нас. Постигнавме договор и наскоро ќе ги најдеме политичките начини како да се оствари тоа, во каков формат, можеби ќе биде и потпишување декларација“,
рече мандатарот Пламен Николов по средбата.

И Христо Проданов од БСП имаше оптимистичка изјава.
„Минатата недела разговаравме за декларацијата, која беше презентирана од ИТН. Имаше некои забелешки што треба да се разјаснат. Тоа беше и целта на овој состанок – да се разјаснат сите приоритети. Подоцна ќе ве запознаеме со деталите за она за што постигнавме договор во одделни сектори“,
изјави Проданов, кој додаде дека конечната одлука дали ќе дадат поддршка на предлог-владата ќе ја донесе врвот на партијата.
ИТН во вторникот (3 август) го претстави предлогот за состав на новата влада на чело со Пламен Николов. Додека се очекува дали потенцијалните партнери ќе дадат поддршка за предлог-владата, утрово еден од кандидатите за министри, Момчил Иванов, се повлече. Тој беше кандидат за министер за правда и еден од трите спорни имиња за „Демократска Бугарија“, а предлогот кој ќе дојде на негово место, како што најави мандатарот Николов, наскоро ќе биде објавен.
