Италијанскиот премиер Џузепе Конте утре ќе биде сослушан во обвинителството за мерките против епидемијата во Бергамо, еден од градовите во Северна Италија кој најтешко беше погоден од епидемијата на коронавирусот, поради што во светот стана симбол на човечкото страдање од новата болест.
„Воопшто не сум загрижен. Ќе разговараме и ќе им ги кажам сите факти што ги знам“,
рече Конте додавајќи дека тој лично не е под истрага.
Обвинителите истражуваат зошто Бергамо и околината не биле затворени порано поради пандемијата, а веќе бил испрашан претседателот на покраината Ломбардија и регионалниот министер за здравство.
Новиот коронавирус досега е потврден кај 235 763 лица во Италија, со 34 114 смртни случаи. Само во Ломбардија бројот на заболени е над 90 илјади, додека на починати над 16 луѓе.
Во Бергамо има 13 600 заболени и 3 000 починати. Од крајот на февруари до мај, светот го обиколија сликите на ковчези со починати кои од болниците до крематориумот се пренесуваа со воени возила.

Како причина за ваквото масовно ширење на вирусот во овој град се посочува фудбалски натпревар кој на самиот почеток на епидемијата се одржа во Милано и на кој присуствувале над 40 000 гледачи, голем дел жители на Бергамо. Локалните, регионалните и државните власти се обвинуваат дека не реагирале навреме да го спречат неконтролираното ширење на заразата во градот и во северните региони на земјата.