Секако дека донесувањето на законот за јавно обвинителство пред да се распушти Собранието ќе биде важно, тоа ќе биде многу добра порака и сигнал до Брисел и земјите членки на ЕУ, но според наше уверување тоа не е нов предуслов за отворање преговори со ЕУ, потенцира Карло Ромео
Амбасадорот на Италија во земјава, Карло Ромео, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека се надева оти на Европскиот совет во март ќе има одлука за преговори со Северна Македонија и со Албанија.
„Позицијата на Италија е многу јасна и транспарентна. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март. На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март. Северна Македонија ги исполни сите критериуми за да ги отвори преговорите, заедно со Албанија. Тоа е одлука која ние ја заземавме уште во 2018 година, потоа лани во јуни и на, за жал, разочарувачкиот самит во октомври минатата година. Значи, земјата е подготвена да почне преговори“,
вели Ромео.
Амбасадорот вели дека ставот на Италија е дека новата методологија може да се одвива паралелно со реформите на ЕУ. Италија, потенцира тој, се согласува дека ќе учествува во преговорите за новиот предлог за методологија со цел да има поефикасен процес, кредибилен и политички предвидлив.
„Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од ЕК кој ќе се објави во почетокот на февруари. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап“,
нагласува амбасадорот.
Ромео во интервјуто зборува и за новиот закон за јавно обвинителство, потенцирајќи дека е важно да се донесе пред да се распушти Собранието, но и дека не е услов за одлука во март.
„Италија го поддржува отворањето преговори со Северна Македонија и со Албанија многу скоро. Мислиме дека двете земји направија важни реформи кои беа побарани од ЕУ. Северна Македонија треба да продолжи со реформската агенда. Посебно во владеењето на правото, независност на судството, со сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал. Во овој контекст, секако дека донесувањето на законот за јавно обвинителство пред да се распушти Собранието ќе биде важно, тоа ќе биде многу добра порака и сигнал до Брисел и земјите членки на ЕУ, но според наше уверување тоа не е нов предуслов за отворање преговори со ЕУ“,
порачува Ромео.
Целото интервју со италијанскиот амбасадор можете да го прочитате и погледнете ТУКА.
*Поврзана вест: Меркел бара преговорите со Македонија и Албанија да почнат во март