Истражителите засега исклучуваат терористички напад
Италијанската полиција уапси Сомалиец кој во саботата вечер со нож избоде четири лица и шестгодишно дете во туристичкиот град Римини, објави денеска новинската агенција АНСА, пренесе Блумберг.
Истражителите засега исклучуваат терористички напад, додава АНСА.
Министерката за внатрешни работи Лусијана Ламоргезе го опиша инцидентот како „исклучително сериозен“ и во соопштението наведе дека утре ќе дојде во Римини на безбедносен состанок.
Италијанските медиуми јавуваат дека маж избодел две контролорки на билети во автобус, а потоа при бегство уште три лица, меѓу кои и едно дете.
Тој, наводно, немал билет за автобус, па ги нападнал контролорките кои побарале да го видат неговиот билет. Кога возачот на автобусот ја отвори вратата, напаѓачот побегнал. Додека полицијата го бркала, тој наводно прободел со нож уште три лица, меѓу кои и едно шестгодишно дете кое седело со својата мајка на локален пазар на отворено.
Сомалиецот (26) престојувал во Италија неколку месеци и поднел барање за азил. Тој е во Европа од 2015 година и веќе аплицирал за статус на бегалец во Данска, Шведска, Германија и Холандија.