Премиерот Џузепе Конте соопшти дека оние што одбиваат да ја користат телефонската апликација нема да бидат предмет на ограничувања
Италијанската влада издаде указ со кој податоците собрани преку мобилна апликација за следење лица што биле во близок контакт со заразени од коронавирус ќе бидат целосно анонимни. Покрај тоа, сите тие податоци ќе бидат избришани до крајот на годината.
Премиерот Џузепе Конте изјави, по вчерашната седница на кабинетот – кој го одобри законот во форма на декрет, дека тој лично ќе осигура дека оние што одбиваат да ја користат телефонската апликација нема да бидат предмет на ограничувања на движењето или на нивните други права.
Здравствените власти во државата охрабруваат употреба на апликацијата како клучна алатка против ширењето на коронавирусот и против втор бран зараза.
Владата, исто така, одлучи дека секое барање за куќен затвор на осудените мафијаши поради ковид-19 треба да биде одобрено од обвинителството. Ако, пак, се работи за криминални шефови, барањето треба да го одобри националниот антимафијашки обвинител. Таа одлука е донесена откако обвинителите изразија загриженост дека мафијаши може да ја користат пандемијата за да излезат од затвор.