Во Италија и Бугарија останува обврската за носење маски во затворено, а епидемиолозите во Грција бараат мерките да останат и по 1 мај поради големиот број заразени
Швајцарија денеска ги укина последните преостанати ограничувања за ковид-19, а Италија и Бугарија ја прекинаа вонредната состојба прогласена поради пандемијата.
Во Швајцарија маските повеќе не се задолжителни во јавниот транспорт и здравствените установи, а апликацијата „ковид-19“ за следење контакти е деактивирана.
Заразените со коронавирус повеќе не мора да одат во самоизолација, но властите, сепак, ги повикуваат да останат дома доколку имаат симптоми на ковид-19. Тие оценуваат дека кај населението преовладува висок имунитет, поради процентот на вакцинираност од 70 отсто, а состојбата на интензивна нега е стабилна. Сепак, и натаму останува „засилена будност“ до следната пролет.

Властите во Рим, пак, одлучија да ја укинат вонредната состојба наметната од пандемијата, како и зелената пропусница за местата каде што беше потребна.
Од денеска гостите во хотелите повеќе нема да треба да докажуваат дали се вакцинирани против ковид-19, дали биле заразени со вирусот или имаат негативен тест. Овој сертификат повеќе не е потребен ниту за влез во ресторани и барови на отворено, но за внатрешниот простор и натаму се бара.

Маските сè уште се неопходни во затворен простор. Сертификатите, исто така, повеќе не се потребни за влез во музеи и изложби, но се бараат во театри, кина и концерти на затворено.
Откако австриската влада на 5 март ги укина речиси сите епидемиски мерки, со исклучок на Виена, која ги задржа рестриктивните мерки, дојде до драматичен пораст на бројот на новозаразени, што ги принуди властите да ги вратат мерките.
Новите мерки стапија во сила на полноќ на 24 март, со еден ден задоцнување и предвидуваат обврска за носење на маската ФФП2 во сите затворени простори.
Во соседството, Бугарија од денеска ја укина вонредната епидемиска состојба.

Од денеска не важат веќе воведените рестриктивни мерки поради ковид-19 – условот за задолжително носење маска на јавни места, почитување на физичка дистанца, ограничување на бројот на лица кои можат истовремено да ги посетуваат внатрешните локации, ограничувања за присуство на лица при обука, забрана за посети на болници и социјални служби.
Но, останува силна препорака за носење заштитна маска за лице во јавниот превоз, медицинските установи, како и кога има гужва на отворено и за физичко растојание.
Од 1 април до 15 мај, за сите лица, без оглед на земјата од која доаѓаат, може да влезат на територија на Бугарија со валиден ЕУ дигитален ковид сертификат за вакцинација, прележаност или негативен тест.
Оние кои нема да приложат барем еден од наведените документи може да влезат но им следи 10-дневен карантин. Карантинот може да се прекине доколку лицето прикаже негативен ПЦР тест или брз антигенски тест не порано од 72 часа по пристигнувањето во земјата.
Во меѓувреме земјата продолжува со вакцинацијата. Учениците кои поради здравствени или други валидни причини не можат да одат на училиште по завршувањето на епидемијата, имаат право да учат онлајн до 30 училишни дена. За таа цел, тие мора да поднесат барање до директорот, придружено со медицински или друг документ со кој се оправдуваат отсуствата.
Грчките власти минатата недела најавија дека е можно од 1 мај да се укинат голем број од рестрикциите. Но, поради зголемениот број новозаразени во Грција, Комисијата на епидемиолози при Министерството за здравство предложила да нема никакво олабавување на мерките до 1 мај, објавија грчките медиуми.
Ова би значело дека Велигден ќе биде со постоечките мерки, односно задолжителна маска во затворените делови, задолжителен сертификат за речиси сите простори, како и задолжителни тестови за невакцинираните.
Националната организација за јавно здравје на Грција вчера соопшти 28 933 нови случаи на Ковид-19, што доколку се направи анализа на секојдневните податоци, е највисок број на новозаразени на дневно ниво во изминатите речиси 80 дена.