На прашањето дали верските заедници на овие локални избори фаворизирале одредена партија, потврдно одговориле 24,3 отсто од испитаниците, додека 33,9 отсто не препознале такво нешто. На дополнителното прашање за оние кои одговориле потврдно, која е таа партија, 27,4 отсто сметаат дека била фаворизирана ВМРО-ДПМНЕ, 26,3 отсто ДУИ, 21,2 отсто – ВЛЕН, а само 1,1 отсто дека била фаворизирана СДСМ
Последната предизборна кампања за локалните избори не помина без употреба на религијата и религиските чувства на граѓаните, со цел привлекување повеќе гласови на изборите, покажува истражувањето „Религијата во политичките кампањи“, спроведено од страна на Институтот за политички истражувања –Скопје (ИПИС), интернет порталот „Религија.мк“ и фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).
Истражувањето е направено по завршувањето на локалните избори, во ноември 2025 година, а во него биле вклучени 1 128 испитаници.

„Речиси секој трет испитаник одговорил дека религијата била користена или дека била донекаде користена во функција на предизборно прибирање гласови“,
се вели во истражувањето.
Иако е сè уште релативно висок процентот на испитаници што сметаат дека религијата е употребена во кампањата за последните избори, сепак, од споредбените податоци со претходните истражувања, може да се забележи тренд на намалување на овој процес.
„За разлика од партиите, кои ја користат религијата во предизборни кампањи, слично како и во претходните истражувања, само кај релативно мал дел од граѓаните користењето на религијата во кампањата имало влијание во нивниот избор за кого би гласале. Високи 75 отсто одговориле дека религијата немала улога во нивниот избор, додека кај 16 отсто таа имала влијание“,
велат резултатите.

Најголема употреба на религијата во политичките кампањи, кај македонскиот блок партии е забележлива кај ВМРО-ДПМНЕ со средна оценка 2.34, кај Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) 1.84, а најмала употреба на религијата е евидентирана кај Левица со средна оценка од 1.74.
Кај албанските партии, пак, е измерена повисока употреба на религијата во предизборни кампањи, каде Демократската унија за интеграција (ДУИ) има средна оценка 2.73, а коалицијата ВЛЕН 2.65.
Така, вкупната средна оценка на граѓаните за употребата на религијата и религиозните чувства во предизборната кампања од страна на независните кандидати на последните локални избори е 1.9.

На прашањето дали верските заедници на овие локални избори фаворизирале одредена партија, потврдно одговориле 24,3 отсто од испитаниците, додека 33,9 отсто не препознале такво нешто. На дополнителното прашање за оние кои одговориле потврдно, која е таа партија, 27,4 отсто сметаат дека била фаворизирана ВМРО-ДПМНЕ, 26,3 отсто ДУИ, 21,2 отсто Влен, а само 1,1 отсто дека била фаворизирана СДСМ.
Според истражувањето, една од најчестите форми на комбинирање политика и религија, забележана на последните локални избори, е тоа што дел од учесниците во кампањата, бараа благослови од верските претставници.
Но, истражувањето покажува и дека голем број граѓани таквите постапки не ги одобруваат.
„За 64,2 отсто од испитаниците е неприфатливо кога учесници во политичка кампања бараат благослов од верски претставници, а 21,1 отсто на тоа гледаат позитивно“,
велат резултатите од истражувањето.
Граѓаните се против користењето на религија и религиозни симболи во политичка кампања.
Таков став делат 68.3 отсто од испитаниците.
Повеќе од половина од испитаниците би гласале за политичар со различна вероисповед од нивната, иако за голем број граѓани конфесијата кон која припаѓаат одредени политичари се уште има одлучувачка улога во поддршката кон одредена политичка опција што тие ја претставуваат.
Сепак, висок останува процентот на испитаници кои сметаат дека религијата има влијание врз политичките процеси во општетството.
Со „да“ и со „донекаде да“ одговориле 50 отсто од испитаниците, иако треба да се напомене дека има одредено намалување кај овие перцепции споредено со претходните истражувања.
