Истражувањето на ИДСЦС и Фондацијата „Конрад Аденауер“ покажува дека САД и понатаму се перципираат како фактор со најголемо влијание во земјата и во таа насока се изјасниле 41 отсто од испитаниците. Но, ова бројка е за 20 процентни поени помала од онаа добиена во истражувањето во 2023 година, кога 60 отсто од испитаниците рекле дека се највлијателни
Она што е забележливо во годинашната анкета е зголемување на поддршката за ЕУ кај поддржувачите на Владата, односно на ВМРО-ДПМНЕ што, пак, според првиот човек на ИДСЦС е исто така значаен факт
На ниво од 62 проценти останува поддршката кај граѓаните на земјава за пристапување кон Европската Унија (ЕУ), додека пак перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави (САД) бележи значителен пад од 20 отсто, во споредба со лани.
Ова го покажуваат резултатите од последното истражување, односно анкетата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје (ИДСЦС), спроведено во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје, кои 11 години ги следат трендовите и перцепцијата на македонската јавност во однос на европската интеграција.
Анкетата чии наоди денеска беа споделени со јавноста е спроведена од октомври до декември минатата година, а резултатите покажуваат дека Европската Унија и понатаму се доживува како најголем економски партнер, донатор и сојузник на земјава. Дополнително расте и перцепцијата кај граѓаните дека ЕУ има значајно влијание како надворешен фактор.
„Оваа година констатираме дека поддршката (за ЕУ) се задржува на 62 процента. Оној постојан благ пад што го нотираме веќе цела декада некако застанува, што не значи дека во една поширока слика нема да продолжи. Меѓутоа, можеме да констатираме дека мнозинството граѓани сепак ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер“,
вели претседателот на ИДСЦС, Марко Трошаковски.
Според истражувањето, за 33 отсто од испитаните граѓани, ЕУ останува најпосакуваниот партнер, а за 40 проценти, Унијата е најголемиот донатор. По ЕУ, следуваат САД, кои за 22 отсто од граѓаните се најголемиот посакуван економски партнер и донатор (17 отсто).
Отвореност за позитивни ставови кон Кина кај младите
Сепак, кај дел од граѓаните постои и скепса и неопределеност во врска со ова прашање, а најголемата воздржаност во однос на европските интеграции доаѓа од помладата и повозрасната група испитаници.
Имено, пред презентацијата на наодите од истражувањето, претседателот на ИДСЦС, во изјава за медиумите кажа дека кај младите постои отвореност за позитивни ставови кон Кина, додека кај повозрасните вакви ставови провејуваат за Русија.
„Она што е интересно е дека највоздржани во однос на поддршка на Европската Унија се најмладите и највозрасните испитаници, кај нив гледаме поголема неопределеност, неодлучност и отвореност за позитивни ставови кон Кина, кај младите, и Русија, кај највозрасната генерација. Тоа не е презначаен процент, но, сепак, вреди да се констатира дека постои“,
изјави Трошановски.
Преточено во проценти, истражувањето покажува дека 39 отсто сметаат дека ЕУ останува наш најважен сојузник, по која следат САД со 19 отсто. Деветнаесет проценти од младите на возраст од 18 до 24 години во годинешната анкета покажуваат отвореност кон Кина, додека 15 отсто од испитаниците над 65 години изразуваат поддршка за Русија.
Во однос на наодите за ставот на политичките партии кон евроинтеграцискиот процес, кај партиите на Албанците и кај поддржувачите на СДСМ, како што кажа Трошановски, „има високо, речиси консензуално ниво на поддршка кон ЕУ“.
Се зголемува поддршката за ЕУ кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ
Она што е забележливо во годинашната анкета е зголемување на поддршката за ЕУ кај поддржувачите на Владата односно на ВМРО-ДПМНЕ што, пак, според првиот човек на ИДСЦС е исто така значаен факт.
„Тоа што е видливо кај ВМРО-ДПМНЕ е што има значителен пораст на поддржувачи на ЕУ, иако тоа е на ниво од нешто повеќе од половина од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Другите се неутрални или можеби бараат други алтернативи и слично“,
вели претседателот на ИДСЦС.
Кога станува збор за ставовиве според етничката припадност, сограѓаните Албанци целосно стојат зад поддршката на членството во ЕУ, додека кај граѓаните Македонци бројката е нешто повеќе од половина.
„Испитаниците Албанци се повеќе ориентирани кон Запад (62%), додека испитаниците Македонци се повеќе поделени (33% за Запад, 46% неутрални)“,
се вели во истражувањето.
Во врска со значителниот пад од 20 отсто во споредба со лани, на перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави, Трошановски смета дека е репозиционирање и на јавноста визави глобалните текови каде што тенденцијата е САД полека да го напуштаат регионот и да се селат на други геополитички фронтови.
Имено, истражувањето покажува дека САД и понатаму се перципираат како фактор со најголемо влијание во земјата и во таа насока се изјасниле 41 отсто од испитаниците. Но ова бројка е за 20 процентни поени помала од онаа добиена во истражувањето во 2023 година, кога 60 отсто од испитаниците рекле дека највлијателни.
Во исто време, перцепцијата за влијанието на ЕУ значително се зголемува. Во 2023 година за ЕУ се изјасниле 19 отсто, а во новото истражување 37 отсто од испитаниците.
Прашан какви се очекувањата за перцепцијата во иднина, со оглед дека ова истражување е направено пред промената на власта во САД, Трошановски вели дека таа перцепција за намалено влијание или интерес на САД за земјава уште повеќе ќе се зголемува со оглед на новата доктрина на американската надворешна политика која ги напушта Балканот, Европа, и во голем дел ги остава самите на себе.
Според него, наш стратегиски приоритет треба да остане Европската Унија, притоа негувајќи најдобри можни односи со САД и тука, како што додава, треба да постигнеме баланс.
„Но, притоа мора да имаме многу проактивен пристап како држава барајќи модалитети коишто ќе го отклучат процесот на проширување базиран на пообјективни принципи кои не бараат промена на Преговарачката рамка. Напротив, бараат утврдување на стандарди од страна на Европската Унија и за понатамошните преговарачки фази, не само во случајот за Македонија туку и за другите кандидати“,
изјави Трошановски пред презентацијата на наодите од анкетата.
Браун: Европа треба да застане на маса, како што тоа го прават САД и Русија
Даниел Браун, директор на канцеларија на Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје, со која ИДСЦС го спроведе истражувањето, изјави дека наодите што ги добиваат со анкетите секоја година се менуваат.
„Оваа година бројките што ќе ги презентираме не се разликуваат многу од претходната година, но со оглед на претходните анализи од десетина години наназад, има одредени промени во однос на ставот, пред се кај младите, за тоа каде оваа земја припаѓа во Европската Унија. Ги знаеме кои се тие промени, зошто се случуваат, најчесто се тука младите“,
изјави Браун.
Според него, презентацијата на наодите е во вистинско време и во контекст на тековната безбедносна конференција во Минхен и, пред сè, како што рече, во однос на трансатлантските партнерства кои сега се повторно под знак прашалник.
„Но, сепак, Европа треба да си ги знае своите силни страни, но и своите ограничувања. Политиката на проширување нормално дека ќе биде отежната поради околностите што се случуваат, но, сепак, одговорноста на ЕУ е да застане на маса, како што тоа го прават САД и Русија во моментот кога се прават преговори за Украина“,
рече директорот на Канцеларија на Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје.