Луѓето што прележале ковид-19 имаат речиси исто ниво на заштита како и вакцинираните лица, но можеби за пократок период, според студија спроведена во Австрија
Оние што прележале ковид-19 имаат 91 процент помал ризик од инфекција во следните седум месеци, покажува студија на Медицинскиот факултет во Грац, објавена во European Journal of Clinical Investigation.
Како што пренесува МИА, тоа ниво на имунитет е само малку пониско од она што го дава вакцината на „Фајзер/Бионтек“, за која се покажа дека е ефикасна 95 проценти.
Ова значи дека претходна инфекција со коронавирус создава речиси исто ниво на заштита како и кај вакцинираните лица, но можеби за пократок период, според студијата спроведена во Австрија, јави ДПА.
Студијата проучувала како луѓето што биле заразени во првиот бран на инфекција, од февруари до април, поминале во вториот бран од септември до ноември.
Во споредба со остатокот од населението во Австрија, тие имале значително посилна отпорност на инфекции.