Во речиси сите области што се опфатени со Балканскиот барометар, С Македонија бележи пораст на незадоволството во однос на 2022 година
Земјава е во водствот пред останатите земји од регионот по недовербата во судските институции која изнесува 82 отсто, што е за 10 проценти повеќе во однос на минатата година

Недоверба во судството и во спроведувањето на законите, незадоволство од здравствените услуги, образовниот систем, транспортната инфраструктура, безбедноста се само дел од областите во кои македонските граѓани не се задоволни. Но, недоверба има и во Собранието, Владата, политичките партии. Ништо подобри не се резултатите и во делот на криминалот, корупцијата, економската ситуација.
Податоците за мислењето на македонските граѓани се презентирани во истражувањето „Балкански барометар“, објавено од Советот за регионална соработка (СРС).
Во речиси сите области кои се опфатени со истражувањето, Северна Македонија бележи пораст на незадоволството во однос на 2022 година.
Освен Северна Македонија, во истражувањето, кое се објавува деветти пат по ред и е спроведено меѓу 6 000 граѓани и 1 200 компании, опфатени се земјите од Западен Балкан.
„Балкански барометар“ дава преглед на нивните мислења за регионалната соработка, европската интеграција, довербата во јавните институции и медиумите, нивните најголеми грижи, вработувањето, климатските промени, безбедноста, дигиталниот живот, транспортот, владеењето на правото, патувањата.
Незадоволство од економската ситуација
Македонските граѓани се незадоволни од економската ситуација и за тоа се изјасниле 69 отсто, што е пораст за три проценти во однос на минатата година.
Како најважни проблеми во делот на економијата граѓаните ги истакнале криминалот, корупцијата, емиграцијата, образовниот и здравствениот систем.
„Тринаесет отсто од граѓаните како проблем го сметаат криминалот, додека 26 проценти сметаа дека има корупција. Кај овие две прашања има пораст во однос на минатата година за два, односно еден процент“,
се наведува во извештајот.

Најголем процент од граѓаните, 56 отсто, очекуваат дека финансиската ситуација ќе им остане иста, а 27 проценти сметаат дека таа ќе биде и полоша.
Големо незадоволство кај македонските граѓани – 61 отсто – има и во здравствениот систем и тоа е најголемо меѓу преостанатите земји од Западен Балкан и е во пораст во однос на минатата година, кога било 54 отсто.
Во однос на образовниот систем, Северна Македонија и тука предничи во незадоволството во однос на другите земји од Западен Балкан. Ако минатата година 37 отсто од граѓаните биле незадоволни од образовниот систем, оваа година тоа изнесува 44 проценти.
За шест отсто повисоко незадоволство има и од транспортната инфраструктура, и тоа годинава изнесува 50 проценти.
Домувањето, чистотата, безбедноста, комуналните услуги се исто така области каде незадоволството на граѓаните е големо и во пораст во однос на 2022 година.
Дури 82 отсто од граѓаните немаат доверба во судските институции
Перцепциите на граѓаните за јавните институции и услугите што ги добиваат исто така се ниски.
Дури 76 отсто од испитаниците во истражувањето одговориле дека се незадоволни од спроведувањето на законите, што исто така ја става Северна Македонија високо меѓу земјите од Западен Балкан, зад Албанија.
Повеќе од три четвртини од граѓаните во истражувањето рекле дека не се согласуваат со независност на судството што повторно Северна Македонија ја стави на второ место од земјите на Западен Балкан, зад Албанија, но пред Босна и Херцеговина каде овој процент е 77.
Она по што Северна Македонија води пред другите земји во ова истражување е недовербата во судските институции која е 82 отсто, што е за 10 проценти повеќе во однос на минатата година.

Паѓа довербата и во политиката
Во истражувањето „Балкански барометар“ презентирани се резултатите и од довербата на испитаните граѓани од Северна Македонија во Собранието, Владата, политичките партии.
Недоверба во Собранието изразиле 78 отсто, наспроти ланските 69 проценти. И процентот на недоверба кон Владата е ист како тој во Собранието – 78 проценти, а на политичките партии не им веруваат 83 проценти од граѓаните.
Во истражувањето „Балкански барометар“ се наведува дека поддршката за интеграцијата во ЕУ опаѓа, но повеќе од три четвртини од граѓаните на Западен Балкан, односно 76 отсто, ја поддржуваат регионалната соработка бидејќи сметаат дека е добра за нивните економии, додека 69 отсто се согласуваат дека она што ги обединува граѓаните на Западен Балкан е поважно од она што ги дели.
Истражувањето покажува дека огромен процент млади, односно 71 отсто од испитаниците сакаат да се иселат од својата земја.